„Азербејџан ерлајнс“ соопшти дека падот на авионот бил предизвикан од надворешно мешање

Итни служби работат на местото на несреќата на патнички авион во близина на Актау

„Азербејџан ерлајнс“ денес соопшти дека прелиминарните резултати покажале оти еден од нејзините авиони што се урна во средата во Казахстан имал „надворешно физичко и техничко мешање“.

НАТО вчера повика на целосна истрага за причините за уривањето на авионот во која загинаа 38 лица.

„Нашите мисли и молитви се со семејствата и жртвите на летот J28243 на Азербејџан ерлајнс“, рече портпаролката на НАТО Фарах Даклала во објава на платформата Икс.

„На повредените во несреќата им посакуваме брзо закрепнување и повикуваме на целосна истрага“.

Претседателот на сенатот на Казахстан претходно изјави дека причината за авионската несреќа сè уште не е позната.

Патнички авион „ембраер 190“ се урна вчера во близина на градот Актау во Казахстан, при што загинаа 38 лица, откако се пренасочи од областа на Русија што Москва неодамна ја бранеше од напади со украински беспилотни летала.

Руската авијација денес соопшти дека авионот на „Азербејџан ерлајнс“ одлучил да се пренасочи од првобитната дестинација поради густа магла и локална тревога за украинските беспилотни летала.