Нејаснотии и стравувања за можна цензура врз творештвото создаде кај домашните автори потпишаниот протокол за реализација на договорот за добрососедство со Бугарија.
„Од една страна ми е ужасно збунувачки, а од друга страна ми е ужасно застрашувачки“, вели писателот Петар Андоновски.
Your browser doesn’t support HTML5
Тоа што ги загрижува творците се наоѓа во делот за превенција за говорот на омраза. Таму се вели дека паричната поддршка за домашни дела може да биде укината доколку не го следат договорот за добрососедство.
„И стравот за иднината и за мене лично, како автор, е тоа што треба прво да внимавам што ќе пишувам, дека некој друг ќе одлучува дали тоа е прифатливо или не е прифатливо. И, впрочем што е говор на омраза, дали историската вистина е говор на омраза?, прашува Андоновски“.
Покрај книжевни дела, овој дел се однесува и на филмови, серии, споменици, и на целокупното уметничко творештво. Во јавноста се поставува прашањето дали тоа ќе се одрази и на филмови како „Трето полувреме“ од режисерот Дарко Митревски.
Филмот уште пред десетина години беше цел на бројни негодувања од бугарска страна. Дел од реакциите беа за сцените во кои се прикажува протерување на Евреите од Скопје.
„Ваков орвелски тоталитаризам, европскиот континент не памети од времето на нацизмот и Втората светска војна. Да се забранува, не само слободен говор, туку се забранува и слободна мисла. Ти се забранува да мислиш“, вели режисерот Дарко Митревски.
Домашните автори нагласуваат дека не е јасно каков ќе биде односот кон делата во кои се опфатени историски теми.
„Општо познато е дека македонската книжевност, од појавувањето на првиот македонски роман, па сè некаде до 2000 година, целата проза е базирана на таканаречениот историски наратив. Конкретно, во делата, Петре М. Андреевски, многу често зборува за бугарската окупација. Дали тоа значи дека ќе треба да ги цензурираме книгите на Петре?“, укажува Андоновски.
Министерката за култура, пак, уверува дека ќе нема препреки за досегашното и за новото домашно творештво.
„Никој, односно Министерството за култура, нема да ја има улогата на полицаец и да будно да следи кој што ќе направи. Слободата на уметникот е голема. Тој има право да се изрази и тоа право никој не може да му го ограничи во ниту еден момент“, вели министерката Бисера Костадиновска – Стојчевска.
Слободно нека творат. Но, да се твори во духот кон тоа што ќе ги расположи народот и публиката.Бисера Костадиновска-Стојчевска, Министерка за култура
Но, додава и одредени насоки кон авторите.
„Слободно нека творат. Но, да се твори во духот кон тоа што ќе ги расположи народот и публиката. Не нешто што повторно ќе го врати народот назад, кон едни мрачни времиња кадешто навистина не видовме ништо добро“, посочува министерката за култура.
Таа има одредени сугестии за историските теми и во филмовите.
„Секој филм којшто ќе ја промовира македонската култура, македонскиот индивидуалитет, би требало да ја има поддршката. Но, сепак, мораме да бидеме свесни дека мора да одиме напред. Мора да се ослободиме. Историјата нам повеќе не смее да ни биде затвор, туку да ни биде лекција“, вели Костадиновска – Стојчевска.
Според член 16 од македонскиот устав, Цензурата е забранета, а слободата на говорот е гарантирана. Останува да се види како потпишаниот протокол ќе се одрази врз домашната креативна мисла.