Со аспирин против рак

Редовно земање аспирин може да го намали ризикот од рак

Терапијата со аспирин долго време се препорачува за оние кои страдаат од срцеви заболувања, но нова студија покажува дека исто така може да помогне во намалување на ризикот од неколку видови на рак.

Објавено во списанието JAMA Oncology, истражувачите од Општата болница во Масачусец велат дека терапијата со аспирин „значително го намалува севкупниот ризик од рак, но пред се` ризикот од рак на дебело црево и други тумори од гастроинтестиналниот тракт“.

Наодите, велат тие, може да служат како дополнително испитување за рак, како што е колоноскопијата.

„Ние можеме да советуваме земање аспирин за намалување на ризикот од рак на дебелото црево, посебно оние кои имаат други причини за редовно земање на лекот, како што е заштита од срцево заболување, но, ние не сме дојдени до тој степен кога можеме да направиме генерална препорака за целокупна превенција од ракот“ вели Ендру Чан, шеф на Клиниката за епидемиологија и гастрономија и главен автор на извештајот.

„Нашите откритија значат дека употребата на аспирин се очекува да спречи голем број заболувања од колоректален рак, надвор од оние кои ќе бидат спречени преку прегледи и може да има уште поголема корист онаму каде што нема доволно услови за прегледи и тестирања за дијагностицирање на ракот.“

Истражувачите велат дека и други студии посочуваат на поврзаност помеѓу употребата на аспиринот и намалениот ризик од рак на дебелото црево, но, влијанието на аспиринот врз другите видови на рак не е потполно познато.

За потребите на студијата, истражувачите разгледувале податоци собирани 32 години од околу 136.000 учесници во неколку студиии за здравство.

Тие откриле дека оние кои редовно земале мала или нормална доза аспирин барем три пати неделно, за три проценти го намалиле својот ризик од развој на било кој вид на рак, за разлика од оние кои не земале аспирин редовно.

Оние кои редовно земале аспирин имале 19 проценти пониски шанси од развој на рак на дебелото црево како и 15 проценти намалување на шансите од добивање на било кој друг вид на гастроинтестинален рак.

Ова, велат истражувачите, може да води до 30.000 помалку случаи на гастроинтестинални тумори во САД и 7.500 помалку случаи на рак на дебело црево.

„Во овој момент, луѓето треба да разговараат со своите лекари за совет околу земање аспирин како превенција од гастроинтестинален рак, посебно ако постојат фактори од висок ризик, како семејна историја“ вели Чан.

Лекарите предупредуваат дека на аспиринот не треба да се гледа како замена за колоноскопија или други тестови за рак.