„Изложбата е многу интересна, затоа што скулптурите имаат две лица. Првото лице кое ве пречекува, тоа е моја интерпретација на дело на Пикасо, а задната страна на скулптурата е мoјата прикаска од оваа изложба, едноставноста, строгоста, она што и мене ме одликува како човек. Затоа случајно дојде името на изложбата ‘Пикасо можеби јас’“, вели Филип Фидановски.
Your browser doesn’t support HTML5
По повод 140 годишнината од раѓањето на Пабло Пикасо, во Охрид беше прикажана изложбата на скулптури од керамика, „Пикасо можеби јас “ на македонскиот уметник Филип Фидановски.
„Третирам дела на Пикасо кои се чисто сликарски од една негова многу интересна фаза на женски портрети, кои јас ги направив тродимензионални и ги извадив во керамика во скулптура“, истакнува Фидановски.
Фидановски вели дека од секогаш го фасцинирале делата на Пикасо. Го прашавме дали се споредува со овој светски уметник.
„Воопшто не се споредувам со Пикасо. Пикасо ми е многу интересен како автор, бидејќи работел во многу разни медиуми. Во скулптура, во керамика, во сликарство. Тој е еден и од најпознатите светски керамичари. Фасцинантен е од таа гледна точка, но најмалку дека јас би правел копија негова“, вели Фидановски.
Активно со керамика се занимава од своите средношколски денови.
„Македонија е подрачје каде керамиката била основна гранка како занает, но таа е дојдена на дното и е во изумирање. Во Македонија нема ништо за керамика. Јас се обидувам на еден ваков начин и со партнери од страна да направиме нешто и се надевам дека малку ќе се подобрат условите. Она што јас го работам се е од странство. И материјалите и опремата“, укажува Фидановски.
Додека Фидановски, работи на втората изложба „Пикасо можеби јас“, првата после Охрид, во соработка со Амбасадата на Шпанија, ќе ги прошета и останатите градови во државата, а потоа заминува за Белград, Хрватска, Словенија.