Обама најави крајбрежни нафтени истражувања

Потегот е дел од пошироката стратегија со која американската зависност од фосилни горива и странска нафта ќе се пренасочи на домашни горива и чисти видови на енергија, кажа Обама.

Американскиот претседател Барак Обама најави план со кој големи области од источното и јужното крајбрежје на САД ќе станат достапни за нафтени и гасни истражувања и дупчења.

Потегот е дел од пошироката стратегија со која американската зависност од фосилни горива и странска нафта ќе се пренасочи на домашни горива и чисти видови на енергија, кажа Обама.

Со планот се укинува забраната за најголем дел крајбрежни дупчења надвор од Мексиканскиот Залив, што беше во важност преку 20 години.

Еколошките активисти се енергично против, исто како и некои членови на Демократската партија на претседателот Обама, кои се загрижени за влијанието на дупчењата врз животната средина.

Обама рече дека одлуката не ја донел лесно и дека дупчењата мора да ја балансираат потребата за користење на домашни енергетски ресурси од една, и заштитатата на природните ресурси од друга страна.

Претседателот се надева дека потегот ќе добие поддршка од опозиционите републиканци и ќе го поттикне Конгресот да ја усвои легислативата за климатски промени што заглави во американскиот пратенички дом.

Најголема област што ќе биде отворена за истражување и дупчење е во водите на 80-тина километри од источното крајбрежје, од Вирџинија па се` до Флорида.