Стејт департмент: Одблизу ја следиме ситуацијата со Мијалков

Свесни сме за овие извештаи, и ја следиме ситуацијата одблизу, изјави кусо портпаролот на Стејт департментот за Гласот на Америка, по повод бегството на Сашо Мијалков.

Министерството за внатрешни работи (МВР) веќе распиша меѓународна потерница по поранешниот шеф на тајната полиција.

Мијалков е во бегство од вчера. Јавното обвинителство соопшти дека полицијата го известила оти тој се подготвувал да бега во саботата, по што утредента бил поднесен предлог до Основниот кривичен суд за изрекување мерка притвор.

Полициски екипи го бараат од вчера, откако не успеале да му го врачат решението за куќен притвор, издадено од скопскиот Кривичен суд.

Пресудата за Мијалков, кој е обвинет во предметот за масовно прислушување „Тврдина-Таргет“ треба да биде соопштена в петок.