Дали сме сами во вселената?

Американскиот Конгрес има големо прашање за НАСА - дали сме сами во вселената, или постојат и други планети каде има интелигентни форми на живот

Телескопот Хабл ни донесе спектакуларни слики од вселената. Иако детални, тие не се доволни за да ни помогнат во барањето на живот во трилиони галаксии низ целиот универзум.

„Ако десет проценти од ѕвездите имаат планети како Земјата и на нив можеби има живот, тогаш импликациите се дека постојат милијарди од нив само во рамките на нашата галаксија“, вели вонредниот професор по физика на Универзитетот Нотр Дам, Џастин Креп.

Тој напорно работи со своите колеги да најде одговор на прашањето: „Дали сме сами во вселената?“ Тој е член на Комитетот на националната академија на науките за стратегија за егзопланетите.

Во септември Комитетот го објави првичниот извештај од 260 страници кој содржи седум препораки:

Прво, се охрабрува НАСА да спроведува мисии во вселената фокусирани на планети слични на Земјата, иако Крип вели дека тоа е голем технички предизвик.

Втората препорака на Комитетот се однесува на Националната фондација за наука, а тоа е завршување на работата на телескопот Магелан во Чиле и започнување на градбата на предложениот телескоп на Хаваи. Новата технологија во овие супер телескопи ќе произведе слики 10 пати поостри од Хабл.

Комитетот, исто така, препорачува креирање на посензитивни уреди, создавање нови мултидисциплинарни тимови во светски рамки за да работат на различни аспекти на проектот и формирање на профитабилна инвеститорска програма за лабораториски, теоретски и телескопски истражувања спроведени од нашата планета.

Извештајот од Комитетот на националната академија на науките за стратегија за егзопланетите ќе биде разгледан од Конгресот.