Апел од Агелер до македонските граѓани: Ништо не се постигнува со негласање

Граѓаните и гласачите од оваа земја треба да им поставуваат тешки прашања на кандидатите, - Анџела Агелер, амбасадорка на САД

Агелер во пораката до македонските граѓани советува да го дадат својот глас според личните убедувања и сопствената верба за иднината

Ништо нема да се постигне со негласање, порача американската амбасадорка Анџела Аглер преку објава на социјалните мрежи. Таа се обрати по повод утрешниот прв круг претседателски избори на кој во трка се седуммина кандидати.

Агелер во пораката до македонските граѓани советува да го дадат својот глас според личните убедувања и сопствената верба за иднината.

„Граѓаните и гласачите од оваа земја треба да им поставуваат тешки прашања на кандидатите, а потоа тие гласачи... мораат да гласаат. Тие мора да излезат и да го изберат кандидатот што ги одразува нивните соништа за иднината, и ништо нема да се постигне со негласање“, стои во пораката од американската амбасадорка објавен преку официјалниот профил на Фејсбук, од амбасадата на САД во Скопје.

Според избирачкиот список од Државната изборна комисија, право на глас имаат 1.814.317 гласачи. Утрешните претседателски избори се седми по ред.

Од седуммината кандидати, двајца имаат право да влезат во вториот круг, кој годинава ќе се поклопи со парламентарните избори на 8 мај. За да биде успешен вториот круг од претседателските избори, неопходно на гласачките места да се појават најмалку 40 отсто од лицата запишани во избирачките списоци.