Само 35 отсто од испитаниците во земјава одговориле дека Северна Македонија треба да застане во одбрана на друга држава-членка на НАТО во случај да биде нападната, наспроти 40 проценти кои рекле дека не треба да се приклучи во одбраната на таа земја. Овој наод е дел од опсежното истражување што Алијансата го спровела во пресрет на Вашингтонски самит на кој, меѓу другото, се одбележува и 75-годишнината од формирањето на организацијата.
Анкетата, која теренски и телефонски се вршела во сите 32 земји членки на НАТО со вкупно 31 386 испитаници покажува конзистентност во мислењето на граѓаните, 60 отсто, дека нивните држави се побезбедни како резултат на соработката меѓу северноамериканските и европските НАТО членки. Тука Северна Македонија е над просекот со 62 проценти кои одговориле со „да“.
Your browser doesn’t support HTML5
Земјава е под вкупниот просек од 73 отсто кај прашањето дали Алијансата е важна за безбедноста на државата – 69 проценти од испитаниците одговориле потврдно.
Случно е и кај прашањето „како би гласале на референдум за членство во НАТО“ при што 64 отсто од прашаните во земјава рекле дека би се произнеле со „да“, што е под вкупниот просек од 70 проценти.
Северна Македонија има највисок процент на испитаници од сите земји-членки - 27 отсто кои одговориле дека земјата треба да троши помалку на одбраната.
Земјава, исто така, има најголем процент на граѓани кои се изјасниле дека руската агресија врз Украина нема влијание врз националната безбедност – дури 61 процент одговориле така, наспроти 33 кои сметаат дека војната се одразува врз сигурноста на Македонија.
Испитаниците во земјава покажале и недоверба во домашните медиуми за известувањето за војната во Украина – 56 отсто рекле дека немаат доверба, а 37 дека имаат, а 7 проценти одговориле дека не знаат. Вкупниот просек во НАТО-земјите е 44 проценти доверба.
Повеќе од половина од прашаните во земјава – 51 процент рекле дека не се согласуваат со продолжувањето на поддршката за Украина. 41 процент рекле дека таа аситенција треба да продолжи.
Истражувањето покажува и дека во НАТО-членките се намалува негативната перцепција на граѓаните за Русија. Иако големото мнозинството - 62 отсто не гледаат позитивно на Русија, тој процент е помал во однос во 2022 кога изнесувал 68 отсто.