Анализа: Како повлекувањето на Бајден ќе влијае врз изборите во САД?

Your browser doesn’t support HTML5

Равенка со повеќе непознати отвори повлекувањето на Џо Бајден од претседателската трка во САД. Неговата можна наследничка во трката за Белата куќа, Камала Харис, има пред себе силен предизвик, во кус временски период да изведе цела претседателска кампања. Известува Ричард Грин. .

Луѓето се собираа на улиците околу Белата куќа само неколку часа по соопштението на претседателот Бајден, меѓу кои многумина за да изразат поддршка за таквата одлука.

„За мене, претседателот Бајден беше најдобриот претседател за климатски промени што сме го имале, и тој отвори можност за нас да ги запреме климатските промени, и засекогаш ќе бидам благодарен за тоа“, вели Тревор Хигинс, поддржувач на Бајден.

„Многу ми се допаѓа, ако тоа е вистинскиот збор, тоа што го направи Џо Бајден. Сакам да биде запаметен како навистина добар претседател. И на некој начин се плашев дека неговата кревкост ќе го одвлече вниманието од тоа“, вели друга жителка на САД.

Бајден веќе заостануваше зад поранешниот републикански претседател Доналд Трамп во анкетите со гласачите пред нашироко гледаната телевизиска дебата минатиот месец.

Неговиот кревок изглед и израз на збунетост меѓу многу конгресни демократи и влијателни партиски лидери создаде страв дека 81-годишниот Бајден не само што ќе изгоби во дуелот со противникот од 2020 туку ќе собори други демократски кандидати во клучните трки за Сенатот и Претставничкиот дом.

Гари Шмит, од истражувачката група на Американскиот ентерпрајс институт вели дека повлекувањето на Бајден може да ги зголеми шансите на партијата, но дека носи и други предизвици.

„Вистинското прашање е дали Камала Харис, која е либерален демократ од Калифорнија, ќе има изборна сила на места во кои демократите ќе мора да победат за да ја зачуваат претседателската функција“, вели Шмит.

Питер Лоџ, професор за медиуми односи со јавноста на Универзитетот Џорџ Вашингтон, вели дека Харис се соочува со друга тешка битка на само четири месеци пред изборите.

„Дел од анкетите што ги видовме за потпретседателката Харис се за тоа што таа не се вика Џо Бајден, и луѓето не ја знаат. Таа била избрана два пати во државата Калифорнија . Паметна е. Обвинителка е. На национално ниво се појави кога беше на ливчето со Бајден за потпретседател. Знае што прави. Демократите ја знаат, но нема национален профил како претседателот Трамп или претседателот Бајден“, вели Лоџ.

Харис вети дека ќе „направи се што е во нејзина моќ“ за да ги обедини Демократската партија и нацијата за да го поразат Трамп во ноември. Таа привлече голема поддршка од колегите демократи, вклучително и неколку кои би можеле да ја оспорат нејзината номинација на конвенцијата следниот месец во Чикаго.

Но, Гари Шмит вели дека исходот не е јасен.

„Веројатно не би сакале конвенција што е комплетно „отворена“, зашто тоа може да ја растргне партијата, наместо да ја обедини зад еден кандидат. Од друга страна, веројатно има многу демократски анкетари кои се прашуваат дали Камала Харис е навистина најдобриот избор““, вели Шмит.