Анализа: Балкански политичар речиси никогаш не би се повлекол од трка за власт

Your browser doesn’t support HTML5

Ниту во најлуди соништа не би се откажале од власт, балканските политичари живеат во архетип на вечен владетел, смета политиколог Петар Арсовски во разговор за Гласот на Америка кој беше на тема: Дали има зрелост во балканската политика за отстапи од власта, заради повисоки државни цели? .

Ниту во најлуди соништа политичари од Балканот не би се откажале од трка за власт. Така сметаат домашни познавачи на политичките и глобалните безбедносни состојби.

„Овде на Балканот, на политичарите ниту во најлуди соништа не им текнува да направат таков чекор“, категоричен е политичкиот аналитичар и публицист, Петар Арсовски.

Од двајцата соговорници побаравме да направат паралела дали некој балкански политичар би се согласил на потег каков што направи американскиот претседател Џо Бајден, да се повлече од трка за нов мандат.

„Во секој случај тоа е државнички потег, во кој го става личното пред државното, па дури и пред партиското. Мислам дека тоа е пример на којшто треба да се угледаат нашите политичари“, вели професорот по безбедносни науки, Методи Хаџи Јанев.

Според познавачите, на Балканот владее силен политички деспотизам.

„Сè уште политичарите на Балканот живеат во еден архетип. Тој стереотип, погледнете го Мило Ѓукановиќ, Александар Вучиќ, Додик. Погледнете го Груевски, кај нас. Еди Рама исто така. Сè уште главната инспирација на политичарите на Балканот е никогаш да не ги пуштат конците“, додава Арсовски.

Хаџи Јанев, пак додава: „Не сум сигурен дека сè уште имаме таква политичка зрелост. Кај нас, и во регионот, според тоа што го гледавме, согледуваме дека постојат само лични амбиции и многу ниска политичка зрелост за да се види заедничкото добро, не само државно, туку и регионално“.

За рефлексиите од американските избори врз балканскиот регион, аналитичарите имаат различни мислења. Политикологот Арсовски смета дека без оглед кој ќе победи на изборите, нема да се смени правецот на американската политика.

„Најголем дел од, условно кажано, авторитарните лидери во овој дел од светот, како Орбан, Додик, претседателот на Словачка, Вучиќ, па делумно и во Македонија, се надеваат дека изборот на републикански кандидат ќе значи отворена врата за тие овде да не бидат под никаков надзор. Тоа не е точно. Сепак, демократските принципи и стратегијата на САД, нивните гео-безбедносни интереси ќе останат. Единствено можеби стилот ќе се смени“, смета Арсовски.

Истото би важело и во обратен исход од гласањето во ноември.

„Ниту пак треба да се смета дека изборот на демократски претседател, ќе значи веднаш распоредување на некаква посилна политика, поголем притисок кон локалните демократии. Америка има доволно проблеми дома и доволно жаришта во светот, за Балканот да е на трето, четврто или петто место по приоритет. Сепак, домашната работа ќе остане наша“, додава Арсовски.

Според професорот по безбедносни науки, пак, Хаџи-Јанев, со евентуалната победа на Доналд Трамп, и неговиот кандидат за потпретседател, Џеј Ди Венс, американската политика би се сменила.

„Тоа би значело дека ќе бараат брзи решенија коишто, гледано според нив, се практични. Таа практичност, видовме во првиот мандат на Трамп се состоеше во тоа што тие решенија беа радикално спротивни од тоа што се очекува. Идејата за размена на територии може да биде обновена. Ќе се оди држава на држава. Односи на билатерален план и секако интересите ќе бидат пред сè тие по кои ќе се носат одлуките, а не вредностите како што тоа беше до сега“, смета Хаџи Јанев.

Влијанија би имало и врз војната во Украина.

„Тоа што не дава надеж за Украина во тоа сценарио (победа на дуото Трамп - Венс) е изборот и за потпретседател кој е жесток противник на војната во Украина и помошта што САД им ја даваат на Украинците“, вели Хаџи Јанев.

Камала Харис е веројатната замена за Џо Бајден како кандидатка на демократите. Првичните анкети покажаа нејзина блага предност во однос на Доналд Трамп. Но, според политикологот Арсовски, на Харис ѝ е потребна посилна реторика.

„Има елементи кои индицираат дека таа добро би поминала против Трамп, кој често се обвинува за еден мизогин однос кон неговите против кандидати, особено ако се жени. Но, сигурно ќе треба да се очекува еден поагресивен, поинсистирачки и посреден пристап во јавноста, со повеќе суштина, а помалку форма од тоа што го гледаме до сега од Камала Харис“, смета Арсовски.

Изборите во САД се одржуваат во ноември. Дел од гласачите апелираа до кандидатите да ја намалат поделбата во американското општество.