Аналитичари за помошта од САД за Украина: На теренот ќе има нови состојби, мирот е во ќорсокак

Your browser doesn’t support HTML5

Краткорочно ова значи продолжување на војната, можеби за година-две. Меѓутоа, на долгорочен план, нема да смени ништо. Приказната за мирот е во ќорсокак, двете страни ги дигнаа влоговите многу високо, смета професорот по безбедносни науки, Методи Хаџи Јанев. .

Ова е добар ден за Америка, добар ден за Европа и за светскиот мир.

Со овие зборови, американскиот претседател Џо Бајден се обрати од Белата Куќа откако на 24 април го потпиша указот за помош од 61 милијарда долари за Украина. Повеќето од средствата треба да ѝ помогнат на украинската армија за одбрана од руската инвазија.

„Тоа ќе ја направи Америка побезбедна. Ќе го направи светот побезбеден и ќе го продолжи лидерството на Америка во светот и сите го знаат тоа“, додаде Бајден.

Гранати, ракети со долг дострел, системи за против-воздушна одбрана, дополнителна опрема и вооружување за пешадијата се дел од масивниот пакет помош за Украина. Сепак, тоа што се поставува како прашање во анализите е дали оваа помош е можеби задоцнета и каков ефект ќе донесе на фронтот.

„Генерално, би рекле дека, краткорочно ова значи продолжување на војната, можеби за година-две, според капацитетот и ветеното што треба да се испорача на Украина. Меѓутоа, на долгорочен план, мислам дека нема да смени ништо“, вели професорот по безбедносни науки, Методи Хаџи Јанев.

Тој додава дека, за да има ефект помошта, потребни се дополнителни чекори за намалување на испораките во оружје и материјали што доаѓаат за Русија од други држави.

„Доколку продолжи овој концепт на војување, со прокси користење на Украина, без да се заземат конкретни мерки, или, без да се спречи оксигенот што пристигнува за Русија, од Кина, од Иран и од останатите држави што тие успеваат да ги користат или да ги манипулираат санкциите на глобалниот Запад, војната на исцрпување нема да прекине“, додава Хаџи Јанев.

Веста за доделувањето американска помош, во Русија беше дочекана со остри изјави од тамошните власти.

„Оружјето што ќе биде испорачано нема да доведе до промена на динамиката, тоа ќе доведе до нови жртви меѓу Украинците. Ќе умрат повеќе Украинци. Украина ќе претрпи поголеми загуби“, се вели во изјава од портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, што ја објави Асошиејтед прес.

Според познавачи на состојбите во руското општество, можно е тамошните власти да ја искористат помошта од САД како основа за нова пропаганда, во убедување на населението дека се води војна против поголем непријател.