Аналитичари: Турските закани кон Израел отвораат опасни состојби во регионот 

Како што влеговме во Карабах, како што влеговме во Либија, можеме да направиме нешто слично со Израел, се закани турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган

Како што се зголемуваат тензиите меѓу Израел и Иран, постојат предупредувања дека заканите на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган да интервенира во Газа може да ги влошат работите во регионот. Од Истанбул известува Доријан Џонс.

Десетици илјади протестираа ширум Турција против израелската војна против Хамас. Протестите беа последниот знак за растечките тензии во Турција поради војната во Газа, за која некои набљудувачи велат дека доаѓаат по изјавите на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган неколку дена претходно.

„Треба да бидеме многу силни, за да не може Израел да и ги прави овие срамотни работи на Палестина. Како што влеговме во Карабах, како што влеговме во Либија, можеме да направиме нешто слично со Израел. Нема причина да не го сториме тоа“, рече Ердоган.

Your browser doesn’t support HTML5

Ердоган упати воени закани кон Израел

Турските знамиња се вееја на половина копје додека Турција одбележа Ден на жалост за убиениот лидер на Хамас Исмаил Ханије. Но, израелските аналитичари велат дека воените закани на Ердоган ја подигнуваат бесната војна со зборови на ново ниво.

Штом користите зборови со воени закани, мислам дека ова прашање не треба да се игнорира
Галиа Линденштраус, Институт за национални безбедносни студии

„Штом користите зборови со воени закани, мислам дека ова прашање не треба да се игнорира. Многу аналитичари велат дека ова нема да се случи утре. Но, штом веќе ќе се каже ова, тие што се задолжени за војската треба да се подготват. Кога има подготовки, има и планови, тогаш тоа треба и да се оправда. Потоа треба да се каже дека другата страна се заканувала и имало таков круг на непријателство, што мислам дека е опасно“, смета Галиа Линденштраус од Институтот за национални безбедносни студии.

Но, некои велат дека ескалирачката реторика на Ердоган е повеќе за обидот на турскиот лидер да ја зацврсти својата националистичка конзервативна гласачка база и неговиот гнев поради тоа што е вознемирен од земји како Катар и Египет во напорите да се реши војната на Блискиот Исток.

„Анти-израелската реторика ја одразува зголемената фрустрација во Анкара поради исклучувањето од дипломатските процеси за постигнување прекин на огнот во Газа и планирањето на проектот за реконструкција во Газа по војната“, посочува Селин Наси, од Лондонската економска школа.

Кина неодамна беше домаќин на палестинските лидери, што им зададе уште еден удар на напорите на Ердоган да се појави како клучен играч во дипломатскиот процес. Турскиот претседател јавно ја изрази својата фрустрација, барајќи од лидерот на палестинската управа Махмуд Абас да се извини што одбил да ја прифати поканата да се обрати во турскиот парламент.

Со спроведувањето трговско ембарго од Анкара против Израел и ескалацијата на војната со зборови, аналитичарите предупредуваат дека земјите сега се на уште поопасен курс.

„Повеќе нема ништо за да ги спречи турските и израелските лидери да се движат во опасни правци. А, штом повеќе нема закани во цивилна област, тоа ќе стигне до воена област, а тоа е опасно“, додава Линденштраус.

Како што конфликтот се шири кон Либан и можеби Иран, аналитичарите предупредуваат дека Ердоган може да најде уште повеќе можности да ја подигне својата реторика против Израел - и дополнително да го прошири конфликтот.