Аналитичари со спротивставени ставови: „Балансерот не ја исполни целта“, „Балансерот мора да се почитува“

Балансерот беше алатка за вработување во државните институции според етничката припадност, но многу често, беа евидентирани злоупотреби

Алатката за еднаква застапеност на етничките заедници при вработувања во јавната администрација, шпозната и како „Балансер“ е укината. Но, реакциите не престануваат. Дел од познавачите сметаат дека таа алтка не ја исполнила целта, додека друг дел, пак, сметаат дека Балансерот требало да се почитува.

Укинувањето на балансерот од страна на Уставниот суд е исправна одлука, вели за Глас на Америка, Рубин Земон, директор на Центарот за напредни истражувања. Според него тој бил алатка за исклучување, односно дискриминација на помалите етнички заедници.

Балансерот додава Земон, не бил во духот ниту на граѓанскиот концепт и заштита на човековите права, а најмалку во духот на градење мултикултурно општество.

Your browser doesn’t support HTML5

Ќе се изнајде ли замена за Балансерот?

Оваа алатка не ја постигнуваше целта за соодветна, а особено за правична застапеност
Рубин Земон,  Центар за напредни истражувања

„Оваа алатка не ја постигнуваше целта за соодветна, а особено за правична застапеност. Потикнуваше етничка дискриминација и асимилација, а пак мерит системот беше тотално занемарен. Со овој балансер ние имавме промоција и афирмација на биетничкиот концепт во нашата држава. Ние експертите и некои од заедниците со нетрпение ја очекувавме оваа одлука да се укине балансерот, бидејќи очигледно немаше воља кај политичарите“, вели Земон.

Аналитичарот Џелал Незири смета дека соодветната и правична застапеност на етничките заедници, е уставна обврска која произлегува од Рамковниот договор и како таква мора да се почитува.

Владина сала за седници

„Балансерот беше само алатка за да се стигне до таа правична и соодветна застапеност на етничките заедници. Со укинување на балансерот требаше да се мисли, каква друга алатка или каков друг закон ќе може да ја исполнуваа таа уставна обврска за праведно и соодветно застапување на етничките заедници“, посочува Незири и додава дека балансерот сепак не бил совршен.

Балансерот беше само алатка за да се стигне до таа правична и соодветна застапеност на етничките заедници
Џелал Незири, аналитичар

„Дали таа беше совршена алатка, мислам дека не беше совршена. Имаше злоупотреби, имаше ограничување на можностите на луѓето кои заслужуваа да бидат вработени во администрацијата, но само фактот што постоеа тие квоти, не беа во можност да го добијат заслуженото работно место“, вели Незири.

На укинувањето на балансерот, најмногу реагираше актуелната албанска опозиција предводена од ДУИ.

„Најголем бенифит имаа тие досега со овој балансер. Не само што вршеа вработување по тој немерит систем, по етнички клуч на Албанците, туку вршеа и партиски вработувања. Тоа беше одлична алатка, да си ги вработуваат нивните партиски кадри и еве што добивме во нашата јавна администрација, каде што окупирани се нашите јавни институции со луѓе кои слабо ја познаваат струката за која земаат плата“, вели Земoн.

Можеби вели тој, треба да се воспостави друг механизам за имплементација на амандманот шест од Уставот, кој предвидува дека државата гарантира соодветна и правична застапеност на сите заедници.

„Ниту Слободан Милошевиќ не можеше да сонува да донесе толку погрешни одлуки колку што може да направи Уставниот суд на РСМ, преку маргинализирачкото гласање. Укинете го и законот за јазиците и бидете спокојни, а потоа што? П.С. Нивото на одговорност на ВЛЕН сега ќе се мери, или со реакција, или со празна реторика“, напиша Лога.

Инаку балансерот беше алатка за вработување во државните институции според етничката припадност. Но многу често, беа евидентирани злоупотреби, кога Македонци се запишуваа како Албанци, Албанци како Македонци или Турци.