Воената кампања на Израел во Газа и нејзиниот ефект врз палестинските цивили е во фокус на меѓународна осуда.
„Природниот начин на обезбедување помош преку патишта е затворен, а гладот се користи како воено оружје“, изјави Жозеп Борел, висок претставник на ЕУ за надворешна политика.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху не попушта.
„Ниту еден од овие притисоци нема да не` спречи. Иднината на Израел, опстанокот е во прашање“, изјави Нетанјаху.
Но, во услови на се` повеќе жртви и изгладнетите жители на Газа, најверниот поддржувач на Израел, претседателот Џо Бајден, го губи трпението.
Еве што тој рече во интервју за Ем-Ес-Ен-Би-Си неодамна.
„Одбраната на Израел е сè уште критична, така што нема црвена линија со која ќе го отсечам целото оружје. Но, има црвени линии кои ако тој ги премине и тие... не можете да имате уште 30.000 мртви
Палестинци како последица. Има други начини да се справите“, истакна Бајден.
Бајден сè повеќе ја покажува својата фрустрација од Нетанјаху, вклучително и поради израелската политика, која ја забавува испораката на копно на многу потребната хуманитарна помош.
САД им се придружија на другите земји за да пуштат помош од воздух. И американските војници се упатуваат кон Медитеранот за да изградат привремено пристаниште на брегот на Газа, за да овозможат помошта да пристигне по море од Кипар.
Вашингтон продолжува да го поддржува Израел со воена помош. Но, ако Нетанјаху се спротивстави на повикот на САД и го нападне Рафа, каде што се засолнети повеќе од еден милион Палестинци, прашањето е дали Бајден би спречил да испрати американско оружје во Израел?