Аналитичари: Претстои турбулентна година на политички план со реторика и за предвремени избори

Според Џабир Дерала од „Цивил“, несериозно е да се бараат предвремени избори, кога редовните се во 2024 година. Новинарот Бранко Героски, пак, смета дека во прилог на ВМРО-ДПМНЕ му оди повисокиот рејтинг кој го има во однос на СДСМ

Барањата на лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за предвремени парламентарни избори не само што не се реални во овој момент туку се и неодговорни вели Џабир Дерала од невладината организација Цивил. Тие во својата позадина немаат ништо друго освен политички маркетинг, вели тој.

Your browser doesn’t support HTML5

Анализи и мислења на тема: Предвремени избори

„Несериозно е сега да се бараат избори кога имаме и редовни избори напролет 2024 година, а среде први чекори сме во преговорите со ЕУ, среде мултикратна криза се наоѓа и светот, а не нè одминува и нас. Наместо да се приклучат кон процесите и постапките и да се справиме со кризата сите заедно, се оди на тоа да се форсира нешто што нема реални основи и нема зошто да се прават такви политички акробации“, вели Дерала.

Новинарот Бранко Героски смета дека во прилог за брзи избори на ВМРО ДПМНЕ му оди повисокиот рејтинг кој го има во однос на владејачката СДСМ.

„Тоа секако е реална основа да се постави прашањето за предвремени избори. Она што е нереално предвремени избори да се случат според сценарио на Зоран Заев, односно со претходен договор меѓу него и ВМРО ДПМНЕ, што би било една политичка непристојност, една ситуација која досега не е забележана во македонската политичка историја. Од тој аспект барањето, планот и сценариото е нереален, но легитимно е барањето на ВМРО ДПМНЕ да се оди на брзи предвремени избори“, вели Героски.

Героски смета дека 2023 година ќе биде бурна година.

„Има неколку отворени прашања што треба да се решаваат. Ќе има и една сериозна криза во барањето на Бугарија, бугарското малцинство да биде запишано во Уставот. Она што очекувам е разговорите меѓу Скопје и Софија за модалитетите, за евентуално условите под кој би се случило такво нешто, за гаранциите за такво нешто, без кои јас не верувам дека може да дојде до ваква промена, очекувам тие разговори да почнат час поскоро“.

И Дерала очекува турбулентна на политички план година.

„Сите тие процеси започнати во контекст на ЕУ, можат да бидат и забавени, токму поради таквите состојби во политичките партии, на политичката сцена и меѓу партиите. Се разбира дека нашиот од кон Европа, кон ЕУ и нашето членство во НАТО, им пречи на одредени центри, пред се на Кремљ и тука ќе се обидат да направат проблеми, да внесат тензии во самата земја и во целиот регион“.