Американски аналитичари со поделени ставови за спорот меѓу Белград и Приштина

САД и ЕУ побараа што поскоро да се одржат нови избори во северните општини на Косово.

Од Вашингтон пристигнуваат критики за позицијата на Приштина, во врска со актуелните настани на северот на Косово.

Аналитичарот од Институтот Хадсон, Лук Кофи, во интервју за Албанската редакција на Гласот на Америка, вели:

„Мислам дека начинот на кој господинот Ескобар пристапи кон ова прашање се граничи со неодговорност, или барем не многу софистициран како што би се очекувало од американската дипломатија. Ја разбирам желбата да се изврши притисок врз двете страни од страна на американската влада, но се чини дека во последно време притисокот е несразмерно врз Косово, барем јавно. И мислам дека тоа не е здраво.“

Тоа би било врв на некомпетентност
Лук Кофи, аналитичар од Институтот Хадсон.

Кофи е конзервативен аналитичар. Тој го отфрла аргументот на САД дека биле изненадени од дејствијата на Владата на Албин Курти на северот без координација со Вашингтон. Според него, ако е вистина, тоа е неуспех на американската дипломатија.

„Тоа би било врв на некомпетентност, ако американската амбасада немала сознанија дека Владата на Косово ќе се обиде да ги испрати градоначалниците во општинските згради“, вели тој.

Поинакви се гледиштата на Чарлс Купчан од Советот за надворешни односи. Тој смета дека критиките од САД упатени кон премиерот на Косово се оправдани.

„Тој неодамна презеде дејствија за кои сметам дека се непотребно провокативни, вклучително и притисокот за регистерски таблички и неодамнешната употребата на вооружена полиција да влезе во општинските згради на етнички Албанците градоначалници кои биле избрани со помалку од 4% од гласовите. Ова не се корисни маневри“, вели Купчан.

Но, иако смета дека политиката што ја следи американската администрација е исправна, тој додава дека Србија отсекогаш била тежок играч и големи се шансите да ги охрабри Србите од северот да не учествуваат на изборите на 23 април.

„Значи, иако мислам дека критиките кон Курти се оправдани, мора да се изврши притисок и врз Приштина и врз Белград, ако сакаме да видиме напредок кон нормализација и имплементација на договорите, вклучително и некаква форма на самоуправување на Србите во Косово“, додава Купчан.

Најдобриот пат мир - Србија ќе воспостави нормални односи со Косово.
Чарлс Купчан, Советот за надворешни односи

Тој признава дека со паралелните структури и манипулацијата на Србите во Косово од страна на Белград, Косово има право да се лути. Но, прашањето, вели е на друго место.

„Кој е најдобриот пат за постигнување мир, каде што Србија ќе воспостави нормални односи со Косово и конечно... Србија, да го призне Косово како независна и суверена држава“, додава Купчан.

Тој вели дека токму историските врски меѓу Косово и Србија го прават Вашингтон да има уникатно влијание да ја турне Приштина кон конструктивен став.

САД и ЕУ побараа што поскоро да се одржат нови избори во северните општини.

Премиерот на Косово Курти во средата изјави дека е за нови избори во северните општини, но како што рече, откако ќе се воспостави владеење на правото и ќе се подготви терен.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ рече дека од 9 до 12 јуни ќе разговара со Србите на Косово за ситуацијата на северот, а претходно заменик помошник секретарот за Западен Балкан на Стејт департментот, Габриел Ескобар и специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина Мирослав Лајчак, рекоа дека сакаат да видат конкретни чекори за намалување на тензиите пред да продолжат со напорите од Вашингтон и Брисел.

Досега немаше такви знаци од двајцата лидери.