Рима Зиураитис, 36-годишна Американка со литванско потекло, предава основна прва помош во Меѓународниот центар за тактичка медицина „Јунајтед хелп Јукреин“ во Киев.
Во летото 2022 година, таа се откажала од работата во финансиска компанија во американскиот град Чикаго за да се приклучи на добротворната фондација Блу/Јелоу Ју-Ес-Еј. Неколку месеци подоцна, таа отишла во Украина.
„Влегов за време на контраофанзивата во Харков. Значи, тоа беше четиридневно патување и сето тоа беше блиску до линијата на фронтот“, вели Зиураитис.
Политиколог по образование, Зиураитис добила шанса да зборува за своите искуства во Украина пред Конгресот на САД во декември 2022 година. За неа, поддршката за Украина среде руската агресија е лична работа. Членовите на нејзиното семејство се литвански бегалци, кои избегале од руската окупација во 1940-тите.
„Мал дел од нашето семејство можеше да оди во камповите за раселени лица. Она што најмногу ме мотивира е тоа, но и моите прабаба и прадедо, умреа без да ја видат својата татковина слободна“, раскажува Зиураитис.
Во февруари 2023 година, Зиураитис се вратила во Украина за да добие обука како инструктор по борбена медицина.
Мајкл Ромалис, волонтер и поранешен припадник на австралиската Армија, го посетува нејзиниот курс додека се подготвува да се упати кон регионот Харков.
„Работиме со хуманитарната организација „Украински патриот“ и вршиме хуманитарна работа. Пакети со храна, болнички комплети за антисептици... Минатата година, исто така, правевме облека и медицинска опрема и ја носевме – имавме до Харков и до Изјум да доставиме помош“, вели Ромалис.
Тод Брокеншир, американски претприемач од Колорадо, исто така, е тука. Тој отворил бизнис во Украина во 2020 година и решил да остане и покрај тековната војна.
„Индивидуални комплети за прва помош - знаете, што е внатре во нив, што правите со нив, такви работи“, вели Брокеншир.
Зиураитис не се вратила во САД од октомври 2023 година. Таа вели дека планира да остане во Украина и да продолжи да предава бидејќи верува дека спасува животи.