Преживеаните од изложеност на радијација во Ново Мексико го повикуваат Конгресот да го прошири законот што наскоро истекува и со кој се обештетуваат Американците кои биле изложени на радијација со федерални нуклеарни тестови. Известува Густаво Мартинез Контрерас од Албакерки.
Холивудскиот блокбастер „Опенхајмер“ го прикажува тестот на првото нуклеарно оружје во светот во 1945 година како момент на научен триумф во пустината во Ново Мексико.
Your browser doesn’t support HTML5
За Весли Бурис, експлозијата таа ноќ го скршила прозорецот од спалната соба што 5-годишното момче ја делел со својот брат.
„Скокнав затоа што таа чаша ме удри и потоа од ударот се разбудив. Не знаев што се случува, собата беше осветлена. Тогаш погледнав низ прозорецот и сè што можев да видам беше силно светло, како да гледам Сонцето”, вели Бурис.
Бурис и неговото семејство живееле 32 километри од Тринити во Вајт Сендс во Ново Мексико, местото каде што се тестирало првото нуклеарно оружје.
Тие не нè видоа нас. Сметаа на нас дека сме необразовани и несофистицирани и неспособни да се избориме за себе и нe' бомбардирааТина Кордова, активистка
Роберт Опенхајмер и неговиот тим го избраа местото за тестирање заради, како што рекоа, неговата оддалечена локација. Денешното истражување покажува дека тогаш имало повеќе од 13.000 луѓе во областа, вели активистката на заедницата Тина Кордова.
„Тоа не е далечно и ненаселено место или пак некоја огромна пространа пустина во која никој не живее. Тие не нè видоа нас. Сметаа на нас дека сме необразовани и несофистицирани и неспособни да се избориме за себе и нe' бомбардираа”, објаснува Кордова.
Сега 85-годишниот Бурис вели дека неговите родители и браќата и сестрите страдале од рак за кој верувале дека се поврзани со изложеност на радијација.
Нема сеопфатна студија за здравјето на луѓето по тие атомски тестови за да го докаже тоа. Така, локалниот конзорциум на басенот Тулароса Даунвиндерс изработи своја здравствена студија.
Пензионираната лекарка Арлин Браун, која помогна во тоа истражување, вели дека видела шаблони на рак во текот на нејзиното долгогодишно практикување во областа.
„Мислам на семејствата кои изгубиле член на семејството или изгубиле девет од 10 членови на семејството поради рак кој можел да се лекува или признае, се должи на нешто. Ним им се должи барем признание дека тие исто така придонеле за воените напори, а не се ни признаваат дека постоеле, што е погрешно”, вели Браун.
Постои одреден федерален надоместок за луѓето во делови на Невада, Јута и Аризона кои развиле сериозни болести по претпоставената изложеност на радијација од подоцнежните нуклеарни тестирања. Но, тоа не ги опфаќа луѓето во Ново Мексико.
Законот за компензација на изложеност на радијација истекува на 10-ти јуни, освен ако не биде продолжен од Конгресот во законодавство што веќе го усвои Сенатот и ќе го прошири опфатот на луѓето во Ново Мексико.
Гласот на Америка го контактираше американскиот Оддел за енергетика за коментар. Одделот го упати Гласот на Америка на изјавата на Белата куќа која го одобри продолжувањето на компензацијата за радијација. Администрацијата на Бајден вели дека „направила приоритет да се справи со штетите поврзани со здравјето поврзани со изложеноста на животната средина на токсини“.
Со истекот на времето, Бурис и Тулароса Даунвиндерс се надеваат дека ќе го добијат надоместокот и признанието што го чекаат речиси 80 години.