„Америка Хаус“ ја отвори својата канцеларија во Одеса

Your browser doesn’t support HTML5

И покрај војната „Америка Хаус“ отвори канцеларија во Одеса

Во Одеса се отвори „Америка Хаус“ што претставува трет голем културен и образовен центар во Украина поддржан и финансиран од Амбасадата на САД. Овој центар требаше да биде отворен во 2022 година, но руската инвазија ги промени плановите.

44-годишната Марина Гончаренко била назначена за шефица на „Америка Хаус“ во Одеса во септември 2021 година.

Планот бил центарот да се отвори за јавноста во зимата 2022 година, но руската инвазија го одложила отворањето.

Сега, и покрај војната што сè уште трае, овој центар предводен од Марина Гончаренко го слави своето официјално отворање.

„Животот продолжува, има многу солидарност меѓу луѓето, а самиот факт што ја отвораме „Америка Хаус“ во Одеса во ноември, во втората година од целосната војна, се чувствува како чудо“, вели Гончаренко.

Постојаното гранатирање на Одеса значи дека центарот не може да работи со полн капацитет. Тоа значи дека засега, часовите по англиски јазик и уште неколку програми, кои се достапни во центарот од септември, сè уште се достапни само онлајн.

Еден од професорите по англиски јазик, 27-годишниот Чарли Сент Пјер од Масачусетс, моментално е во Киев, каде што им држи онлајн час на учениците во Одеса.

„Ме привлече оваа позиција бидејќи Украина ми значи многу. Мојата земја ми значи толку многу, и јас ќе бидам мост помеѓу овие две места за кои навистина се грижам“, вели Пјер.

Хуманитарните групи велат дека повеќе од 170.000 внатрешно раселени Украинци живеат во Одеса. Овој центар стана важен за младите бегалци. Има уште два центри во Украина, еден во Киев и друг во Лавов.

18-годишната Елизабета Пишчик вели дека не може да се врати во Херсон, нејзиниот роден град, бидејќи таму е сè уште премногу опасно. Но, во „Америка Хаус“ во Одеса, Пишчик вели дека има поддршка.

„'Америка Хаус' ми даде можност да најдам нови пријатели затоа што никогаш не сум живеела во Одеса, немав пријатели овде и многу е тешко да се биде сам, особено кога има војна во вашата земја и ви треба поддршка од луѓето“, вели студентката Пишчик.

„Америка Хаус“, исто така, сака да се грижи за украинските воени ветерани и ја прави зградата пристапна за лицата со хендикеп.

Тоа е мал безбеден простор, во опасна земја разурната од војна.