Jастреб Харисон, од чиј вид е и Хари, е американски пустински јастреб кој живее во Јужна Америка. Интересно за оваа птица е тоа што во пустина прави гнездо на кактусите, лови фамилијарно и живее во хиерархија, а кога е со луѓе многу се приврзува за соколарот...
Вака Трајче Китановски го опишува јастребот Хари кој за брзо време откако го набавил од Хрватска стана македонска атракција. Денеска со него организираат соколарски тури низ целата држава, преку кои љубителите на птиците можат да научат како живее и лови оваа птица.
„Ова е единствената грабливка во светот која лови фамилијарно во групи. Може да се случи и до пет единки да се приклучат во “бркањето на пленот”. Кај нив има строга хиерархија, па тоа е случај и при уловениот плен, неможе кој колку сака да јаде. Секоја фамилија поделена е на Алфа - тоа се крупните и најсилните женки, Бета - мажјаците и поситните женки, а Гама се младите кои родителите ги учат на лов. Во пустината токму и подредени вака хиерархиски неретко прават “вертикална скала“ качувајќи се еден на друг се со цел за да добијат еден солиден видик како полесно би го лоцирале пленот,“ објаснува Китановски.
Интересно е и тоа што оваа птица може да се користи за еколошка и биолошка заштита во областа на земјоделието.
„Еко биолошка заштита со птица грабливка е многу полезна и јас би рекол природна работа. Се работи за еден природен процез на исселување на сите штетници од одредена територија. На располагање сме на земјоделците кои имаат голем проблем со птиците штетници што им го јадат родот од нивите тој месец дена кога е бербата. За таа цел ние дежураме буквално од сабајле до вечер со птица грабливка и штетата, доколку нема соколар, е до 30% од родот“, вели тој.
Овој јастреб се користа и за заштита на авионите кои се соочуваат со ризик птица да им влезе во моторот при полетување и со тоа да предизвика дефект.
„Екобиолошка заштита се прави во огромни хангари каде се вселуваат гулаби. Штом видат дека на таа територија, што до тогаш ја сметале за нивна, се населил јастреб, тие природно сами се исселуваат. Овој вид на заштита го практикуваат скоро сите светски аеродроми каде имаат запослено соколари без чија дозвола не полетува ниту еден авион. Можни се разни несакани несреќи без ваков вид на заштита токму на аеродромите бидејќи гулабите се пикаат во моторот или во перките. Затоа овие јастреби се користат и за безбедност во авио сообраќајот“, вели тој.