Амбасадорот Кристофер Хил верува дека Србија се врти кон Западот

Прашањето е дали САД можат да сметаат на косовскиот премиер Албин Курти како партнер, вели Кристофер Хил, американскиот амбасадор во Белград, во интервју за Гласот на Америка, додавајќи дека „не се сеќава на толку длабоки поделби меѓу Приштина и Вашингтон“.

Американскиот дипломат ги демантираше наводите на некои провладини медиуми дека Западот сака да ја дестабилизира Србија преку протести против насилството, а во интервјуто ја коментираше и најавата на властите во Белград за предвремени избори.

Глас на Америка: Ситуацијата во Косово се уште не е решена. Американскиот заменик-помошник државен секретар Габриел Ескобар и специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог Мирослав Лајчак им презентираа предлози на Белград и Приштина - за деескалација, нови избори на кои ќе учествуваат и Србите и враќање на дијалогот за нормализација. Каков одговор добивте од косовскиот премиер Аљбин Курти, дали е подготвен да го прифати?

Кристофер Хил: Мислам дека имаме проблем со г-дин Курти, тој не е подготвен да го прифати. Ми се чини дека имаме некои многу суштински проблеми со него, дали можеме да сметаме на него како партнер. Но, таа одлука ќе ја препуштам на нашата амбасада во Приштина.

Глас на Америка: Ви кажа дека не е подготвен за деескалација, организација на нови избори?

Кристофер Хил: Деескалацијата е од суштинско значење, и мислам дека имавме одреден успех по тоа прашање во изминатите неколку дена. Има деескалација, секако на српска страна, а очекувањата од ЕУ и САД се дека Косово ќе направи чекор во таа насока. Многу е важно специјалната полиција да се повлече од општинските згради. Исто така, градоначалниците треба да ги напуштат општинските згради и тоа треба да се случи во одреден момент. И третото, малку потешко прашање, е дали може да имате нови избори. Од српска страна јасно беше кажано дека е важно формирањето на Заедницата на српските општини (ЗСО), што се уште е проблем за господинот Курти. Затоа што сите други разбираат дека тоа е неопходно.

Глас на Америка: Господинот Ескобар рече дека Србите треба да учествуваат на локалните избори без предуслови. Ја споменавте ЗСО, верувате ли дека Србите ќе учествуваат на избори ако не се формира?

Кристофер Хил: Не би сакал да навлегувам во детали за преговорите, но мислам дека Србите се загрижени за учество на локалните избори кои се одржуваат под исти околности како и претходните - кои ги бојкотираа. Мислам дека се потребни некои промени, не сакам да зборувам до каде треба да одат и како ќе се постигнат. Знам дека ќе има многу дискусии со српската заедница во Косово за тоа како да се оди напред. Мора да имаме на ум дека целта на овие избори е оние кои се избрани да и служат на заедницата на северот на Косово, која е претежно српска.

Не се сеќавам на толку длабоки поделби меѓу Приштина и Вашингтон

Глас на Америка: Какви би биле последиците за двете страни доколку не ги исполнат барањата? Јуронујз во Албанија извести за можни санкции против Косово - премиерот и министерот за внатрешни работи да бидат означени како „персона нон грата“ и да се замрзнат европските и американските фондови за Косово. Дали е тоа точно?

Кристофер Хил: Не знам дали е фактички, ќе мора да видите кои се нивните извори. Не сум во позиција да ги коментирам тие наводи.

Глас на Америка: А за какви санкции знаете?

Кристофер Хил: На пример, кога висок американски генерал ја посети Србија, му кажавме на Косово дека нема да ја спроведеме воената вежба што ја планиравме...

Глас на Америка: Но, Курти и тогаш не направи чекор напред?

Кристофер Хил: Морам да кажам, и се извинувам за изразот, дека тоа е процес. И тоа нема да се случи во еден момент, туку во одреден временски период. Но, мислам дека господинот Курти е целосно информиран од нашиот амбасадор во Приштина, г-дин Лајчак и г-дин Ескобар, дека ќе мора да направи некои промени доколку сака да смета на нас како пријател и партнер. Не се сеќавам дека некогаш сум видел толку длабоки поделби во односите меѓу Приштина и Вашингтон.

Глас на Америка: Што очекувате од господинот Вучиќ во овој процес? И какви би биле последиците доколку не се исполнат очекувањата?

Кристофер Хил: Сметаме на него како добар партнер, тој и неговата влада се добри партнери во овој процес. И се надеваме дека така ќе продолжи. Би сакале да направи се што може за да ја деескалира ситуацијата и гледаме дека тоа веќе се спроведува. Тоа е многу позитивно. Бев присутен на разговорите (со Ескобар, Вучиќ и Лајчак) пред некоја вечер, и можам да ви кажам дека тие ја надминаа актуелната криза во Косово. Мислам дека има разбирање со властите во Србија како да се оди напред, да ги правиме работите заедно, се надевам дека и народот на Србија ќе разбере дека сакаме многу повеќе да соработуваме политички, економски, на полето на безбедноста - затоа тука беше и генералот Хокинсон (шеф на Бирото на Националната гарда на САД). Ние сме многу заинтересирани за подобрување на односите со Србија - барем колку што е заинтересиран народот и владата во Србија за тоа. Чувствуваме дека Србија станува се подобар и подобар партнер за нас.

Глас на Америка: Има ли единство во Квинтата во однос на позицијата на премиерот на Косово? Видовме дека САД беа многу специфични во однос на последиците, но другите не го следеа тоа.

Кристофер Хил: Да бидам јасен: не сакам да зборувам за различните медиумски наводи. Рековме дека Косово ќе ги трпи последиците во односите со нас, тоа е многу силна порака. Мислам дека има единство во Квинтата. И ако има некаков проблем со тоа како реагираат земјите од Квинтата, ќе мора да ги прашате членовите на Квинтата. Но, мислам дека постои став дека нешто треба да се направи и постои загриженост за тоа како работи Приштина, и мислам дека таа загриженост ја делат сите земји-членки на Квинтата.

Глас на Америка: Една од искрите за кризата во Косово беа локалните избори. Излезноста беше исклучително мала, околу 3,5 отсто. Но, Западот не ги оспори резултатите од тие избори. Гледајќи наназад, дали се чини како погрешна одлука?

Кристофер Хил: Знаете, ќе мора да ги прашате другите луѓе дали тоа е погрешна одлука. Јас секако имам свое мислење за изборите и дозволете ми да одговорам на ова прашање повеќе како аналитичар отколку како амбасадор. Мислам дека некои луѓе очекуваа дека излезноста ќе биде мала, но не очекуваа дека ќе биде само 3,75 проценти. И мислам дека многу брзо стана очигледно, би рекол на сите, дека со ваква излезност немате причина да продолжите. Јасно е дека овие податоци загрижија многу луѓе, јас сум секако еден од нив.

Глас на Америка: Се чини дека европскиот предлог за нормализација на односите, анексот за имплементација од Охрид не донесоа голем напредок, тензиите на терен се исти, ако не и поголеми. Дали сметате дека овие договори се неуспешни, дали можеби има потреба да се најде нов пристап?

Кристофер Хил: Мое мислење, и ова сакам да го нагласам бидејќи не сум преговарач, е дека сите елементи од договорот што треба да бидат на маса се таму. Србија бара формирање на ЗСО и тоа е важно, бидејќи недовербата во меѓународната заедница произлегува од тоа што нема ЗСО. И тоа е големо прашање за сечиј кредибилитет. Србија треба да ги признае косовските документи и да не му застанува на патот на Косово кон меѓународните организации... Јасно ми е дека може да се каже дека не функционира, но откажувањето не е опција. И морам да кажам уште нешто: она што го видов во други преговори, но не овде, е добар тон на разговор. Во случајот со дијалогот меѓу Белград и Приштина, вие се обидувате да ги придвижите работите на друго ниво во споредба со ова на кое се сега, но мислам дека острата реторика му штети на процесот.

Протести против насилството, но и политичка култура, нетрпеливост

Глас на Америка: Претседателот Вучиќ најави вонредни избори кои би можеле да се одржат до крајот на годината. Како ќе гледа Западот во контекст на забавувањето на процесот поврзан со Косово?

Кристофер Хил: Мислам дека Србија треба сама да си ги решава политичките проблеми. Што и да се одлучи за изборите, не се сомневам дека Србија ќе може да работи на прашањето за Косово и други прашања во исто време. Владите обично се способни да се справат со неколку работи истовремено, а тоа го очекуваме од Србија.

Глас на Америка: Ситуацијата во Србија е многу турбулентна откако се случија две масовни убиства на почетокот на мај. Се одржуваат масовни протести, опозицијата ја обвинува власта дека е одговорна за атмосферата на насилство. Како ги гледате актуелните настани?

Кристофер Хил: Јас не гласам овде, ниту учествувам во политика, само набљудувам и имам одредено мислење, но не е мое место да учествувам. Мислам дека секој што учествува во овој процес, без разлика дали е за власт или против, треба да има предвид каде води сето ова. Мојот општ коментар е дека на протестите против насилството, кои започнаа поради оваа страшна трагедија во училиште во центарот на Белград, излегоа луѓе да кажат дека такво нешто не е прифатливо во ова општество. Ние во САД, за жал, имаме многу такво насилство. Мојот впечаток, како странски набљудувач, е дека причините се подлабоки од насилството во училиштата, мислам дека многу луѓе се вознемирени од политичката култура во оваа земја, дека се загрижени дека политичките актери не можат да седнат заедно на маса и да имаат цивилизиран разговор. Кога зборуваме за насилство, вооружено насилство во два масакри, тоа е секако причината, но мислам дека луѓето овде зборуваат и за вербално насилство, нетрпеливост. Како ќе заврши сето тоа, дали ќе има нови избори, треба да одлучат Србите...

Гласот на Америка: Одредени провладини медиуми ја шират приказната дека Западот сака да ја дестабилизира Србија преку протести. Што велите за тоа?

Кристофер Хил: Бидејќи цели семејства ќе го гледаат ова, не сакам да користам груби зборови, но навистина е погрешно. Не, Западот не ја дестабилизира Србија, не е во ничиј интерес тоа да го прави.

Глас на Америка: Некои велат дека Западот всушност ја поддржува „стабилократијата“ и замижува пред разните прекршувања на слободите во Србија, ерозијата на демократијата, корупцијата, за да го поддржи Вучиќ да го реши косовското прашање?

Кристофер Хил: Мислам дека тоа не е вистина. Кога го гледаме Косово, не ги гледаме односите меѓу Белград и Приштина како најважни во светот, туку гледаме како да создадеме околности во кои Србија може да напредува и да стане целосен партнер во евроатлантските структури. И тогаш го гледаме косовскиот проблем како нешто што го забавува. Србија во иднина ќе има многу партнери, веќе ги има во регионот, а веројатно во иднина ќе ги има и Косово и Албанија како партнери. Мислам дека има многу луѓе во ЕУ кои сакаат да ја видат Србија како членка, иако многумина овде не мислат така. Тие ја сакаат Србија, но не и нејзините проблеми. Ако сте член на клубот, ги сакате членовите, но не и нивните проблеми.

Глас на Америка: Дали очекувате господинот Вучиќ да ја признае независноста на Косово?

Кристофер Хил: Мислам дека е подготвен да го направи она што го кажа - да постигне нормализација и тоа е многу важно. И тоа претходи на сите идни фази на соработка. Да почнеме по ред, да се обидеме да го реализираме ЗСО, признавањето на косовските документи. Тоа е важно во овој момент.

Србија се врти кон Запад

Глас на Америка: Во неодамнешното интервју за Фајненшл тајмс, г-дин Вучиќ рече дека разговарал со рускиот претседател Владимир Путин на секои три месеци, но дека со тоа е готово. Тој призна и дека постои можност муниција од Србија да заврши во Украина, преку посредници. Имајќи ги предвид тие изјави, но и се останато - дали мислите дека Србија полека се врти кон Запад и покрај тоа што не воведе санкции кон Русија?

Кристофер Хил: Мислам дека Србија се врти кон Запад и дека повеќето луѓе, иако не сите, го разбираат тоа. Прашањето е зошто се случува ова? Гледаме дека Русија речиси се исклучи себеси од кој било клуб на земји, дури и на дипломатски состаноци на пониско ниво ја нема Русија, истото важи и на меѓународните состаноци. Русија изврши варварски чин напаѓајќи го својот сосед. Разбирам дека има културни и историски врски меѓу Србија и Русија, но ако се земе предвид однесувањето на Русија - јасно е дека Србија се менува. Сакаме да и помогнеме на Србија да направи пресврт, нема да кажеме што треба да направи, но ја поддржуваме и чувствуваме дека промените се случуваат.