„Алибаба“ на Њујоршката берза

Цената на акциите на огромната кинеска компанија за електронска трговија скокна за 36% на првиот ден од тргувањето

Цената на акциите на огромната кинеска компанија за електронска трговија „Алибаба“ скокна за 36% на првиот ден од тргувањето на Њујоршката берза.

Во првичното тргување, цената достигна 92 долари и 70 центи по акција, а почетната цена изнесуваше 68 долари - една од највисоките во берзанската историја.

Некои од муштериите на „Алибаба“ учествуваа во традиционалното одбележување на почетокот на тргувањето со берзанското ѕвоно.

„Алибаба“ е водечка компанија за електронско тргување и управува со најголемиот пазар на Интернет во светот и за меѓународна, и за домашна трговија. На почетокот беа понудени приближно 368 милиони акции, а компанијата на берзата ќе биде означена со кратенката БАБА.

Берзанските аналитичари очекуваат кинеската електронска трговија со којашто доминира „Алибаба“ и натаму да расте рапидно. Критичарите наведуваат дека корпоративната структура на „Алибаба“ им дава на сопствениците на акции помало влијание во своите операции отколку што е вообичаено за една компанија што има акции во јавна сопственост.