Демократот Даг Џонс наредната недела треба да положи свечена заклетва, како нов сенатор од сојузната држава Алабама, откако претходно месецов го победи неговиот републикански ривал.
Победата на Џонс беше официјализирана вчера, кога тричлениот панел вклучувајќи го и гувернерот, државниот секретар на сојузната држава и јавниот обвинител, го потврдија победникот. Претходно, судија ја отфрли жалбата на републиканецот Рој Мур да се спречи потврдувањето на резултатите од изборите.
Во жалбата беше наведено дека тој загубил поради систематска измама на гласачите, но државниот секретар Џон Мерил го одби ова тврдење:
„Не мислам дека постои сомнеж во умот на некој што е во оваа просторија, или кај некој што може да ме слушне, дека е под знак прашање дали државата Алабама спроведува чесни, фер и безбедни избори. Тоа прашање е отстрането од мислите на секого. Точка“.
Мур, кој ги отфрли повиците да ја признае победата на Џонс, има рок до сабота напладне да поднесе барање за повторно пребројување на гласовите.