Ахмети со писмо го предупредува Мицкоски за лоши движења во државата

Премиерот на Северна Македонија Христијан Мицкоски на прес-конференција по повод премиер 100 дена Влада, во Владата на Република Северна Македонија, Скопје, 1 октомври 2024 година.

Али Ахмети му напиша, а Христијан Мицкоски сѐ уште не го прочитал писмото - комуникацијата меѓу лидерот на ДУИ и премиерот преминува од јавни изјави во официјални дописи.

Првиот човек на „интегративците“ реши писмото во кое на Мицкоски му укажува на, како што ги нарекува, одредени лоши трендови во државата да го обелодени пред граѓаните.

Писмото, според Ахмети, е одговор на сериозните предизвици со кои се соочува Северна Македонија во чувствителен геополитички момент – руската агресија врз Украина, сложената ситуација на Западен Балкан, тензиите меѓу Косово и Србија, блокираните евроинтеграции.

„Последните одлуки на Уставниот суд, кои изгледа дека се извршување на програмата на вашата партија за укинување на клучните механизми за заштита на заедниците, предизвикаа загриженост кај сите граѓани кои се посветени на градењето на подобро одржливи меѓуетнички односи во Северна Македонија. Охридскиот договор, кој донесе подобро меѓуетничко разбирање, не е само политичко прашање, туку е темел на нашата мултиетничка демократија, стабилност и демократски напредок. Секоја обид за негово доведување во прашање, особено во актуелниот контекст, е чекор кој може да ја влоши состојбата во земјата и регионот. Одлуките за измена или ревизија на Законот за употреба на јазиците, кој е клучен елемент на Охридскиот договор, не се само политички контроверзни, туку и штетни за напредокот и соработката меѓу заедниците“, пишува Ахмети во писмото до Мицкоски.

Your browser doesn’t support HTML5

Ахмети му пиша писмо на Мицкоски - му укажал на лоши трендови во државата

Според лидерот на ДУИ, партијата која од летово е во опозиција, сето ова може да да ја врати земјата во периоди на несигурност.

„Затоа, ве повикувам да размислите со зрелост и одговорност за овие одлуки кои имаат потенцијал да ја нарушат мултиетничката кохезија во Северна Македонија. Иднината на нашата земја треба да се гради врз основа на соработка и взаемна почит, а не врз поделби“, вели Ахмети.

Брзо стигна и одговорот од премиерот – Мицкоски вели не го прочитал писмото.

„Не, не сум го видел. Инаку, јас дневно добивам многу писма и ги читам, добивам многу пораки, и со големо внимание пристапувам во комуникацијата со граѓаните. Господинот Ахмети е граѓанин и мора да се посвети внимание на секое писмо од секој граѓанин, така постапува одговорна Влада. Како што кажа вицепремиерот Меџити ние не играме фудбалчиња, ние работиме и сме одговорни“, рече премиерот Мицкоски.

Во писмото, со слична содржина на она што го прати и до Еди Рама, Вјоса Османи, Урсула фон дер Лајен, Олаф Шолц, Ахмети ја спомнува и блокадата од Бугарија, во која по вчерашните парламентарни избори, седми за четири години, политичката фрагментираност уште повеќе дојде до израз – во парламентот влегоа дури 9 партии, а ниту една не може самата да формира влада. Премиерот очекува дека ќе добие партнер за разговори и, како што рече, деблокирање на ЕУ-интеграциите.

„Очекувам влада која што ќе има најмалку три партнери. Бројките варираат 67 или 70 пратеника има коалицијата ГЕРБ – СДС, исто така тука е коалицијата Демократска Бугарија и Промените продолжуваат која што очекувам да има меѓу 44 и 47, така што во суштина без тие две не може да се направи влада. Е сега ќе видиме како таму ќе се развиваат работите. Се надевам дека ќе има влада, дека ќе нема осми избори по ред и дека ќе можеме да седнеме и да најдеме решение да го одблокираме нашиот пат, патот на Македонија кон ЕУ“, рече Мицкоски.

За тоа да се случи, како што минатата недела во Скопје порача шефицата не ЕК Урсула фон дер Лајен, потребни се уставни измени кои треба да се донесат низ соработка, дијалог и обединување на сите политички сили. Но, дали тоа ќе биде случајот?