Талибан продолжува да ја зголемува моќта во Авганистан во исто време кога излегуваат извештаи за насилство врз демонстрантите во источниот дел на државата, ден откако исламистичката група објави дека „војната е завршена“ и оти нема да има одмазда.
Очевидци велат дека борците на Талибан пукале во воздух и тепале демонстранти во Џалалабад, кои се обиделе да го заменат талибанското со националното знаме на Авганистан. Најмалку три лица беа убиени и многу други повредени. Талибан не го коментираше ова.
Државниот секретар на САД Ентони Блинкен вчера твитна дека САД и партнерите ги повикуваат оние на власт во Авганистан да гарантираат права и заштита на жените и девојчињата во државата.
„Ќе набљудуваме одблизу како која било идна влада ги обезбедува нивните права и слободи“, напиша Блинкен на Твитер.
Претседателот на САД Џо Бајден рече дека американските трупи ќе останат во Авганистан додека сите Американци не се евакуираат, дури и ако тоа го пробие рокот од 31 август, кога треба да се повлечат сите трупи на САД од државата.
Дел од информациите се искористени од Асошиетед прес, Ројтерс и Франс-прес