За Хавиер Кироз Кастро, стапнувањето во најпознатиот дом во Америка беше невозможен сон - неговите родители го донесоа во САД од Мексико на тригодишна возраст, без легален статус на имиграција.
Но, во вторникот, тој ја посети Белата куќа - место далеку од болницата во Хјустон каде што работи како медицински брат. Тој денес е тука, рече тој, бидејќи ја искористил програмата „ДАКА“.
„Спасувањето на американски животи беше можно само поради ДАКА. Тоа ми овозможи да живеам и работам и да градам семејство во единствената земја што некогаш сум ја познавал и сакал“, Хавиер Кироз Кастро.
Во вторникот, американскиот претседател Џо Бајден објави нова мерка за да им понуди заштита на сопружниците на американските граѓани без документи - потег што Белата куќа вели дека се однесува на повеќе од половина милион луѓе.
„Овие луѓе формираат семејства, ги испраќаат своите деца во црква и училиште, плаќаат даноци, придонесуваат за нашата земја веќе 10 години или повеќе. Тие цело ова време живеат во САД, во страв и неизвесност. Можеме да го промениме тоа. И тоа е она што ќе го сторам денес“, истакна Бајден.
Но, имиграцијата е чувствителна тема оваа изборна година, а во изминатите 20 години, премините беа најголеми на јужната граница на САД.
Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп го обвини Бајден за, како што рече, „имигранска инвазија“. Трамп ги обвинува имигрантите за голем број зла, вклучувајќи криминал, инфлација, па дури и болести и тероризам, но често без јасни докази.
„Се проценува дека 50 отсто од инфлацијата е предизвикана од зголемените трошоци за домување, кои вртоглаво се зголемуваат поради бранот на нелегална имиграција на Џо Бајден и високите каматни стапки“, тврди Трамп.
Застапниците за имиграција не се согласуваат, велејќи дека истражувањата покажуваат дека оние кои имаат корист од оваа политика придонесуваат околу 13 милијарди долари во потрошувачката моќ на американската економија секоја година.