Американски реакции за доброволното предавање на Харадинај на хашкиот Трибунал - 2005-03-09

На редовниот брифинг во американскиот Стејт Департмент, портпаролот Ричард Баучер ја поздрави одлуката на довчерашниот косовски премиер Рамуш Харадинај да појде во Хаг и повика луѓето на Косово да се воздржат од секакво насилство.

„Ја повторуваме важноста да се продолжи со работата на стандардите на Косово. Почитувањето на законот е клучен елемент на стандардите“, кажа Баучер.

Подвлекувајќи дека САД го поддржуваат Хашкиот суд, тој ги повика сите страни на Косово, но и ширум регионот, да продолжат да соработуваат со трибуналот. „Тоа вклучува апсење и испорачување на сите лица во бегство против кои Хаг има покренато обвинение“, рече портпаролот Баучер.

Слично размислува и Даниел Сервер, експерт за Балканот од американскиот институт за мир во Вашингтон. Сега Белград е под притисок да ги испорача лицата што Хашкиот суд ги терети за злосторства, смета Сервер:

„Белград не треба да замислува дека ќе може да влезе во преговори за конечен статус во 2005 со Рамуш Харадинај во Хаг а со воени злосторници кои се шетаат во Белград. Тоа за меѓународната заедница е навистина неприфатлива ситуација“.

Евентуалните немири на Косово само може негативно да се одразат на преговорите за конечниот статус на покраината, смета овој експерт за Балканот:

„Дефинитивно нема да помогне доколку дојде до неред на Косово во овој момент и може да предизвика сериозен застој во разгледувањето на конечниот статус“, вели Даниел Сервер од Американскиот институт за мир во интервјуто дадено за албанската редакција на Гласот на Америка.