Министерот за одбрана на Бугарија Николај Свинаров изјави дека неговата земја испратила писмо до шефот на здружените сили во Ирак, генералот Ричард Маерс во кое бара истрага во случајот на осмата бугарска жртва во Ирак.
Свинаров потенцираше дека резултатите од бугарската истрага на смртта на војникот Гарди Гардев индицирала доволно аргументи дека се работи за инцидент на пријателски оган отворен од американските сили.
Првичните извештаи сугерираа дека војникот загинал во престрелките со бунтовниците во централниот ирачки град Диванија. Министерот Свинаров истакна дека подоцна станало јасно дека врз бугарската патрола било стрелано од локација каде била стационирана американската армија.
Пукотниците започнале откако бугарските војници се обиделе да запрат ирачки цивилен автомобил, употребувајќи предупредувачки истрели во воздух. Свинаров вели дека инцидентот покажл оти коалиционите сили треба да преземат итни мерки за подобрување на меѓусебната координација.
Американската армија не беше достапна за коментар.
Војникот Гардев беше убиен во исто време кога американските трупи во Багдад отворија оган врз автомобил, во кој била ослободената италијанска новинарка Џулијана Сгрена, кој бил упатен во правец на аеродромот во Багдад. При инцидентот, таа е повредена во рамото, но загинал италијански агент кој ја ослободил од заложништвото.
Посмртните останки на војникот Гардев вчера беа пренесени во Софија. Погребот ќе се изврши денеска во неговото родно село во централна Бугарија.
Официјален бугарски воен претставник, за Гласот на Америка истакна дека прашањата поврзани со смртта на војникот Гардев доаѓаат во незгодно време за министерот за одбрана Свинаров, додека државата се подготвува за парламентарните избори во земјата закажани за јуни.
Иако Бугарија е една од неколкуте источноевропски земји кои ја поддржуваат војната во Ирак, анкетите на јавното мислење покажаа дека 75 отсто Бугари не се согласуваат со воените операции во Ирак предводени од Американците.
Според коментарите, смртта на војникот Гардев може и да го зголеми притисокот врз бугарската влада за повлекување 460-члениот пешадиски батаљон од Ирак. Бугарските војници се под полска команда и нивниот актуелен мандат завршува кон средината на 2005-та.