vesti 14 - 2004-12-14

Ирак

Во Багдад се случи уште еден самоубиствен бомбашки напад пред влезот на таканаречената „Зелена зона“, која се наоѓа под силно обезбедување, еден ден откако на истиот контролен пункт загинаа девет Ирачани.

Според болнички извори, во денешниот инцидент загинале најмалку две лица, а десетина се повредени.

Во меѓувреме, во северниот град Мосул, американската армија открила шест погубени лица, сите убиени со куршум во главата. Вчера пак, болнички извори сооопштија дека биле донесени други осум лица, сите убиени на ист начин.

Има вести и за судири во Фалуџа, каде минатиот месец под американско водство беше извршена жестока воена офанзива против бунтовниците.

Украина

Шефот на украинската парламентарна комисија која го истражува наводното труење на опозициониот лидер Виктор Јушченко свика итна седница.

Владимир Сивкович им изјавил на новинарите во Киев дека медицинските резултати според кои Јушченко бил труен, придонеле комисијата повторно да отвори истражувачката постапка. Обвинителите во Украина водат паралелна истрага.

Сивкович ги повикал лекарите кои ги направиле тестовите во Виена да ги предадат резултатите на обвинителите и на парламентарната комисија. Тој го повикал опозициониот лидер Јушченко да сведочи пред комисијата.

Во понеделникот, украинскиот премиер Виктор Јанукович го обвини Вашингтон дека ја финансира кампањата на неговиот ривал.

Официјални американски лица одговорија дека не поддржуваат ниту еден кандидат и оти помошта кон Украина е со цел промовирање слободни и демократски избори.

Авганистан-Талебан

Авганистански официјални лица соопштија дека владините сили заробиле двајца влијателни талебански команданти, вклучувајќи го и поранешниот шеф за безбедност на режимот на Мула Омар.

Официјални лица потврдија дека двете лица биле уапсени во јужниот град Кандахар.

Заробените се идентификувани како Тор Мула Накибула Кан и неговиот заменик Мула Ангар.

Властите велат дека нивното апсење може да им помогне на САД и на авганистанските сили да го приведат и Мула Омар, еден од најбараните лица во Авганистан.

НАСА-Оставка

Раководителот на американската вселенска агенција - НАСА, Шин О` Киф поднесе оставка на функцијата.

Претседателот Буш ја прифати оставката на Киф кој беше на чело на агенцијата во изминативе три години. Тој наводно е еден од можните кандидати за функцијата канцелар на Универзитетот Луизијана.

Се уште не е познат наследникот на Киф. За време на неговиот мандат дојде до големи промени во НАСА, но и до прекинот на сите летови на американските вселенски леталата спејс-шатл, по уривањето на шатлот Колумбија, при што загинаа сите седум членови на екипажот.