Мандаторот Владо Бучковски ја затвори листата на кандидатите за неговиот владин тим. По десетдневни преговори, главно меѓу коалиционите партнери СДСМ и ДУИ, и по претходни партиски одобрувања на кандидатската листа, господинот Бучковски вечерва во Собранието го достави предлогот за состав на новата македонска влада, барајќи од претседателот на Собранието Љупчо Јорданобски да закаже итна седница на чиј дневвен ред ќе бидегласањето за неговиот предлог.
На овој чекор му претходеше претпладневната, последна четиричасовна средба со лидерот на ДУИ Али Ахмети, околу останувањето или неостанувањето на министерот во оставка Агрон Буџаку на чело на Министерството за транспорт и врски, и покрај цврстиот став на на мадаторот Бучковски дека господинот Буџаку не треба да биде дел од новиот владин состав, поради обвинувањата за корупција од страна на премиерот во оставка Хари Костов, Агрон Буџаку, сепак, е предложен и натаму да биде министер за транспорт и врски.
Кандидатската листа на мадаторот Бучковски изгледа вака: за вицепремиери се предложени Радмила Шеќеринска, одговорна за евроинтеграции, Муса Џафери за спроведување на Рамковниот договор и Минчо Јорданов за економски систем. Јован Манасиевски е кандидат за прв човек на Министерството за одбрана, за ресорот внатрешни работи Љубомир Михајловски, досегашен директор на Царинската управа, за надворешни работи Илинка Митрева, за финансии Никола Поповски, за труд и социјална политика Стевче Јакимовски, за култура Благој Стефановски, за образование Азис Положани, за правда Мери Младеновска Георгиевска, за здравство Владо Димов, за земјоделство Садула Дураку, за економија Фатмир Бесими, за локална самоуправа Ризван Сулејмани, за животна средина и просторно планирање Зоран Шапуриќ и за министер без ресор, Владо Поповски.
Според најавите, претседателот на Собранието Јордановски го потпишал решението со кое парламентарната седница за избор на нова влада е закажана за среда.