Националниот демократски институт за меѓународни односи ја додели својата годишна награда Аверел Хариман - 2004-12-07

Поранешниот американски државен секретар Медлин Олбрајт, која е претседавач на Националниот демократски институт, на отварањето на церемонијата, ја прочита пораката до луѓето во Украина потпишана од овогодишните добитници на наградата Аверил Хариман.

„Со воодушевеност набљудувавме како стотици илјади лица, кои наспроти студот и стравувањето од закани, одржаа мирен повик на демократијата. Не́ потсетивте на моќта и на универзалното едноставно барање, дека народот треба слободно да ја избере својата влада. Се солидаризираме со вас во убедувањето дека принципите за кои заеднички се залагаме, како политички процес базиран на еднаквост и почитување на човековите права, ги рефлектираат надежите и аспирациите на народот од целиот свет. Со храброст и определба, Украинците се залагаат да го заземат своето место меѓу демократските заедници. Вашиот пример е инспирација“, вели Олбрајт.

Овогодишната награда за демократија им е доделена на двајца американски сенатори, Ричард Лугар кој преседава со Сенатската комисија за односи со странство, како и на влијателниот сенатор – член на Комисијата, Џозеф Бајден. На меѓународно ниво, меѓу неколутемина добитници на наградата Аверил Хариман е и поранешниот министер за надворешни работи на Полска, Бронислав Геремек.

Овој поранешен демократски активист, спомена и други делови на Европа, каде, според него, и натаму трае битката за стабилен демократски поредок.

„На Балканот вооружените борби се завршени, но и натаму има проблеми. Финалниот статус на Косово мора да биде решен, а Србија и Црна Гора да одлучат дали ќе останат во едница или не. Босна и Македонија мора да формираат држави во кои сите граѓани ќе бидат здружени во единствен и демократски политички систем. Милошевиќ можеби физички не е тука, но неговото наследство е се́ уште присутно и влијателно, како и она на другите одговорни за воените злосторства на просторите на поранешна Југославија. Мора да им се стави крај на овие опасни наследства, мора да бидат зајакнати политичките институции. Граѓанското општество мора да биде стабилно, за Балканот да не западне во политички екстремизам и етничко насилство, и за да може да се движи кон европска и трансатланска интеграција“, истакна Геремек.

Националниот демократски институт за меѓународни прашања, со седиште во Вашингтон, обезбедува практична помош на граѓанските и политичките лидери ширум светот, врши мониторинг на изборите и промовира учество на граѓаните во власта, како и отвореност и одговорност на владата.