vesti 16  - 2004-11-16

Ирак

Американски воени сили во Ирак започнаа операција врз милитантите во северниот град Мосул. Портпаролот Ангела Боуман изјави дека во третиот град по големина во Ирак, трупите се обидуваат да ги обезбедат полициските станици, кои во последните денови се напаѓани од бунтовниците.

Жестоки престрелки има и во Фалуџа, како и во другите области. Вчера американските маринци соопштија дека коалиционите сили сега може слободно да се движат нив Фалуџа, само една недела по судирите со милитантите. На некои места се уште се пружа отпор.

Според официјални лица во близина на Багдад бил убиен еден американски војник.

Авганистан-Заложници

Портпаролот на авганистанскиот претседател Хамид Карзаи вели дека се надева оти тројцата хуманитарни работници на ОН кои се во заложништво во Авганистан ќе бидат ослободени.

Соопштението дојде неколку часа пред истекувањето на рокот поставен од милитантите кои се заканија дека ќе ја убијат лицата доколку 26 талебански затвореници не се ослободат до зајдисонце, според локално авганистанско време.

Портпаролот на претседателот Џавед Лудин на прес-конференција кажа дека владата прави што може да обезбеди ослободување на заложниците. Тој не соопшти дали владата преговара со киднаперите.

Тројцата кои работеле на изборите, филипинскиот дипломат Ангелито Нејан, Анета Фланиган од Северна Ирска и Шкипе Хабиби од Косово беа киднапирани минатиот месец во Кабул. Грабнувачите велат дека тие припаѓаат на милитантна група наречена Јаиш е Муслимен – Армија на Муслиманите.

Индија – Кашмир

Индиската армија утре ќе започне со редуцирање на бројот на трупите распоредени во Кашмир што ќе се совпадне со посетата на индискиот премиер Манмохан Синг.

Официјални претставници велат дека првиот контингент трупи ќе биде прераспореден од армиските касарни во околината на градот Сринагар.

Армијата не го кажа вкупниот број на трупи распоредени во Кашмир и колку од нив ќе бидат повлечени.

Господинот Синг ја обнови својата понуда за разговори кон сите кашмирски сепаратистички групи за решавање на деценискиот кашмирски спор.

Потегот за повлекување на трупите беше поздравен и од пакистанските и кашмирските лидери како позитивен чекор за продолжување на мировните напори на Њу Делхи со Исламабад, како и со кашмирските сепаратисти.