„Мојата платформа се потпира на сочувствителната конзервативна филозофија: дека владата треба да им помогне на луѓето да имаат подобар живот, а не да управува со нивните животи. Верувам дека оваа земја сака стабилно, конзистентно и принципиелно раководство и затоа, со ваша помош ќе победиме на овие избори“, кажа претседателот на завршницата на Националната конвенција на Републиканската партија во Њујорк.
Во говорот што ја истакна меѓусебната поврзаност на градењето понадежна Америка со градењето на побезбеден свет – што беше и мото на последната вечер на конвенцијата, првиот човек на САД го стави американскиот ангажман во Авганистан и во Ирак, и воопшто, борбата против тероризмот, во контекст на одлуки што се донесуваат денес, но чија важност ќе биде се поочигледна во иднина. „Овој момент во иднината на нашата земја ќе биде запомнет. Генерациите ќе знаат дали го искористивме моментот и изградивме безбедна и мирна иднина. Слободата на многумина други, и идната безбедност на нашата земја сега зависат од нас“, рече Џорџ Вокер Буш. Тој најави дека нема да се откаже од својата стратегија за офанзива против терористите, напаѓајќи ги на нивна почва, за да не мора САД дома да се соочуваат со нив.
Минатиот месец, на крајот на конвенцијата на Демократската партија во Бостон, САД и целиот свет по техничка грешка на ТВ продукцијата го слушнаа фрустрираниот продуцент кој беше очаен поради тоа што голем дел од балоните по говорот на претседателскиот кандидат Џон Кери навреме не се ослободија од покривот и не создадоа доволна магична атмосфера пагајќи врз присутните, што е традиција за ваквите партиски собири. Синоќа балоните паднаа без проблеми, ако тоа носи некаква симболика. Партиските конвенции 2004-та, бездруго спектакли што даваат оригиналност на американската политичка сцена, сега полека се селат во минатото, со потенцијал еден ден да влезат во учебниците како најважни настани од американската понова историја, бидејќи судејќи според изјавите на обајцата претседателски кандидати, не се работи само за избори, туку и за иднината, мирот и безбедноста на Америка и светот воопшто.
Останува на американските гласачи, кои според анкетите ќе ја направат изборната трката мошне тесна и неизвесна, да ја проценат вистинска историска тежина и да решат дали Џорџ В. Буш или Џон Кери ќе биде новиот жител на Белата куќа во наредните четири години.