Иднината на трансатланските односи со реизбор на Буш или со новата администрација на Кери - 2004-08-16

Јуни беше необичен месец на трансатласки собири. Пристигнувањето на претседателот Буш во Истамбул ја означи четвртата по ред средба во месецот меѓу европското и американсканското раководство.

„Ќе работиме заедно за да обезбедиме НАТО да добие воена конфигурација што ќе одговара на заканите на 21-от век“, рече тој.

Многумина аналитичари велат дека неговата порака од самитот на НАТО се однесуваше на зголемениот напор да се премости, она што некои ја нарекуваат, најголемата трансатланска поделеност во поновата историја. Претходно истиот месец, претседателот Буш беше во посета на Франција каде се одбележуваше годишнината од завршувањето на фашистичката окупација, по што беше домаќин на Самитот на Групата 8. Неколку дена потоа, тој замина за Ирска на разговори со претставници на ЕУ.

Џејмс Голдгајер, професор по политички науки на Џорџтаун Универзитетот во Вашингтон, вели дека обидите на претседателот Буш да ја придобие поддршката на европските сојузници и натаму ќе бидат безпредметни, се додека не се случат фундаментални промени.

„Голем проблем е што не можете да ги инволвирате сојузниците ако не им дадете улога во процесот на одлучување. САД под актуелната администрација имаат став кој упатува дека не се сака големо учество на сојузниците во донесувањето одлуки“, истакна господинот Голдгајер.

Професорот Голдгајер вели дека покажаната склоност на претседателот Буш за унилатерална акција, придонесе многумина сојузници да се чувствуваат турнати на страна. Тој како пример го наведе отфрлањето на претседателот Буш на договорот за глобално затоплување од Кјото.

Претседателскиот кандидат на Демократите, Џон Кери вели дека ќе има поинаков пристап кон сојузниците.

„Ветувам дека за неколку недели, ќе се вратам во ОН и повторно ќе ја здружам заедницата на држави и ќе претставам ново гордо поглавје во односите на Америка со светот“, рече господинот Кери.

Дали очекувањата на сенаторот Кери, доколку биде избран за претседател, се превисоки? Ова е Симон Сарфати, директор на програмата за Европа во Центарот за стратешки и меѓународни студии.

„Едноставно не разбирам каде сенаторот Џон Кери очекува да најде дополнителни сили, без оглед дали на европскиот континент или надвор од него. Тешко е да поверувам дека многу земји ќе придонесат со дополнителни трупи во актуелната ситуација во Ирак. Но Европјаните ќе треба да одлучат дали за Кери ќе го сторат тоа што не сакале да го сторат за Буш“, вели Сарфати.

Тој предупредува дека меѓу САД и Европа и натаму ќе има структурни разлики, без оглед на тоа кој ќе победи на изборите во ноември. Потребата за значителна американска моќ и потребата да се одговори на тероризмот ќе биде присутна и во случај г-динот Буш добие втор мандат и во случај за претседател биде избран сенаторот Кери. Но, овој аналитичар сепак вели дека европско-американските односи се премногу важни за која било од страните да ги занемари.

„Ние, Американците и Европјаните, формираме заедница на компатибилни вредности, заеднички интереси и заеднички цели. Ние ја имаме интимноста на двојка која била во брак необични 50 години. По тој временски период, љубовта можеби избледела, но на крајот, двете страни станале толку слични и нивните наследства се толку интимно сплотени, што развод не е возможен. Не постои ништо што Америка или Европа можат да направат сами, а во што не можат да бидат подобри и поефикасни доколку ги здружат силите“, истакнува господинот Сарфати.

Тој верува дека свеж пристап кон европско партнерство, ќе биде позитивен чекор напред, како за претседателот Буш, така за неговиот противкандидат Кери. Тој истакнува дека доколку победи, сенаторот Кери треба веднаш да им се обрати на Европјаните. Доколку биде реизбран актуелниот претседател, г-динот Сарфати предлага Европјаните да му пружат рака на помирување.