Полицијата во Бостон се подготвува против демонстрации  - 2004-07-22

Десетици групи на демонстранти се подготвуваат да протестираат во градот за време на конвенцијата на Демократската партија. Собири и маршеви ќе има во неколку познати области на Босотон, а во близина на местото каде што ќе се одржува конвенцијата е определена зона за протести за оние кои сакаат делегатите да ги слушнат. Ќе биде поставена ограда висока три и пол метри што ќе спречува физички контакт со делегатите. Ели Џилет е од Здружението Црн Чај, група на анархисти кои се против конвенцијата на Демократите.

“Сметаме дека ако не можете да дојдете во Бостон и да го спроведувате правото од првиот амандман, тогаш нема да можете никаде да го примените. Затоа се обидуваме да создадеме најбезбедна, најубава серија протести“, вели госпоѓица Џилет.

Но убави протести може да бидат проблем ако се судрат демонстрантите со полицијата. Сара Ванч од Американската Унија за граѓански слободи вели дека историски, бостонската полиција ги почитува правата со првиот амандман.

“Меѓутоа ова е прва национална политичка конвенција по 11 септември. Исто така видовме како полицијата ги задушуваше големите протести во други градови. Затоа сме претпазливи оптимисти дека бостонската полиција ќе може да се однесува на начин со кој ќе се почитуваат правата од првиот амандман и правото на мирни демонстрации“, вели таа.

На Националната конвенција на Демократите во Лос Анѓелес во 2000-та, се реализираа неколку големи демонстрации. Но на републиканската конвенција истата година во Филаделфија, мирните протести се претворија во насилни. Полицајците се бореа со демонстрантите кои се врзаа со синџири, ги блокираа патиштата и скокаа на автомобили.

Полицијата уапси над 300 лица во еден судир. Околу 95 проценти од обвиненијата против демонстрантите беа отфрлени. Шефот на полицијата во Филаделфија за време на конвенцијата, Џон Тимони, беше критикуван заради апсењата. Тој вели дека од тоа искуство научил оти демонстрантите се многу организирани, така што обуката на полицајците мора да биде пософистицирана.

“Кога ќе ги споредите сегашните демонстранти со оние кога започнав да работам во 1967 година, во ерата на Виетнам: тие протести беа многу емотивни но многу спонтани, Сегашните не се спонтани. Не се ниту емотивни. Всушност демонстрантите поставуваат кампови за обука предвреме и ги испробуваат своите тактики. Демонстрантите ги вежбаат своите тактики, а полицијата своите. Тоа е рецепт за судир“, смета господинот Тимони.

Господинот Тимони, кој не е вклучен во полициската обука во Бостон, вели дека полицајците треба да бидат подобро обучени за да ги контролираат толпите. Треба да ги контролираат емоциите ако нешто се случи, да користат минимална сила. Од своја страна, полицијата во Бостон вели дека ќе дозволи слобода на говорот и мирни протести до најголемата можна граница.

Ова е полицискиот комесар Кетлин О Тул, кој од обуката и искуството вели:

“Научивме дека ако се подготвувате да одите во војна, тогаш ќе одите“.

Госпоѓица Ванч вели дека полицијата во Бостон добро се справила со протестите за време на неодамнешната дебата за браковите на хомосексуалци. Но таа е загрижена од друг инциденти.

Ако полцијата се обиде да ја ограничи слободата на говорот на протестите заради загриженоста од тероризам, тие ќе се најдат на несигурно законско тло, вели Харви Силверглејт, адвокат за човекови права. Тој вели дека американскиот Врховен суд неодамна пресудил дека загриженоста за националната безбедност не смее да ги погази индивидуалните права.

“Тероризамот не е оправдување за преголема рестрикција на граѓанските права. Затоа сметам дека е подобро полицијата да го запамети фактот дека има ограничување колку силно може да притиска на копчето за тероризам“, вели господин Силверглејт.

Постои општ консензус дека протестите во Бостон за време на конвенцијата на Демократите ќе бидат минимални во споредба со она што се очекува во Њујорк на конвенцијата на Републиканците, што ќе започне кон крајот на август. Еден адвокат за човекови права предвидува дека во Бостон ќе има околу 10 илјади демонстранти, но смета дека конвенцијата на републиканците ќе привлече околу милион демонстранти.