Комисијата што ги истражува нападите во САД се очекува да ги објави своите наоди и препораки - 2004-07-19

Во моментов, во собирањето на разузнавачки информации се вклучени десетина американски владини тела. Комисијата се очекува да побара од претседателот да назначи една личност која ќе биде одговорна за разузнавањето.

Иако извештајот на Комисијата нема да се објави до четврток, во поголемите американски весници и магазини се појавија извадоци од препораките на комисијата.

Во новинските извештаи се вели дека членовите на комисијата ќе побараат да се формира место на ниво на владин кабинет. Лицето на таквата функција во рамки на американската влада би ги надгледувало сите разузнавачки активности. Тоа е чекор што би можел да ја намали моќта на раководните лица на ЦИА, Одделот за одбрана и другите агенции.

Оваа идеја не му се допаѓа на вршителот на должноста директор на Централната разузнавачка агенција - ЦИА, Џон Меклафлин, кој вели дека тоа повеќе ќе наштети отколку што ќе биде од корист. Тој за телевизиската мрежа Фокс вчера изјави дека е потребна реформа, а не уште едно ниво на бирократија.

„Директорот на централното разузнавање го гледам како некој кој може да го прави тоа, и кој за тоа е овластен со Актот за национална безбедност од 1947 година. Затоа мислам дека со некои умерени промени на веќе востановениот начин, директорот на централното разузнавање ќе може добро и соодветно да ја врши оваа функција“, изјави господинот Меклафлин.

Тој говореше и за медиумските наводи дека комисијата посочува на можна врска меѓу Ал Каида и Иран.

Г-динот Меклафлин истакна дека не го прочитал целиот документ на комисијата, но потврди оти многумина од киднаперите кои ги изведоа нападите на 11 септември 2001 година патувале низ Иран кон крајот на 2000 и почетокот на 2001 година. За него тоа не е изненадувачки, посочувајќи оти членовите на терористички групи често транзитираат нив Иран. Џон Меклафлин сепак предупреди оти тоа не е знак за директна инволвираност на Техеран во нападите.

По ова прашање, на Си-Ен-Ен се изјаснија двајца членови на Сенатската комисија за разузнавање. Демократот Дик Дурбин од Илиноис рече дека откритијата се загрижувачки.

„Ние насочуваме премногу енергија на Ирак, додека можно е други земји да се подиректно поврзани со 11 септември. Тоа исто така треба да ни биде причина да подзапреме малку и да размислиме“, вели Дурбин.

Но, републиканецот Саксби Шамблис од Џорџија застана во одбрана на администрацијата на Буш, велејќи дека отсекогаш постоела загриженост во однос на Иран.

„Мислам дека оваа влада отсекогаш посветувала големо внимание на Иран. Знаеме дека тие работат на зголемување на нивниот актуелен нуклеарен капацитет. Владата посветува големо внимание на тоа“, истакна г-динот Шамблис.

САД долго време го сметаат Иран за држава-спонзор на тероризмот и користат меѓународен притисок Техеран да се откаже од својата нуклеарна програма. Меѓународната агенција на ОН за атомска енергија во моментов ги разгледува обвинувањата дека иранската програма за нуклеарна енергија е само параван за развивањето на нуклеарно оружје.