Демократите и Републиканците се подготвуваат за партиските конвенции - 2004-07-14

Истражувањата на јавно мислење сугерираат дека голем дел од Американците не го знаат доволно сенаторот Џим Кери иако тој ќе биде официјално номиниран како демократски кандидат за претседател на 29 јули.

Затоа, претседателот на Демократската партија Тери МекОлиф вели дека фокусот на конвенцијата што започнува на 26 јули во Бостон ќе биде токму тоа - претставување на сенаторот Кери и неговиот избраник за потпретседателски кандидат, сенаторот Џон Едвардс.

"И ние ќе ги употребиме тие четири дена во Бостон на Америка да ги претставиме Џон Кери и Џон Едвардс, кои ќе зборуваат за себе, за нивната сила и визија за она што треба да биде повторно придвижување напред на земјата. Темата на Демократската конвенција 2004 е „Посилни дома и почитувани во светот“, вели тој.

Сенаторите Кери и Едвардс ќе ги одржат главните говори на Демократската конвенција.

Меѓу другите говорници ќе бидат поранешните претседатели Џими Картер и Бил Клинтон и поранешниот потпретседател Ал Гор. Еден од настаните ќе биде и оној посветен на долгогодишниот сенатор од Масачусетц, Тед Кенеди.

Републиканците исто така се подготвуваат за нивната четиридневна конвенција на крајот на август во Њујорк. Листата на говорници ги вклучува гувернерот од Калифорнија Арнолд Шварценегер, сенаторот од Аризона Џон МекКејн, поранешниот градоначалник на Њујорк, Руди Џулијани, и потпретседателот Дик Чејни. Претседателот Буш ќе зборува кога ќе ја прифати номинацијата за втор мандат на последната ноќ на конвенцијата на 2 септември.

Претседателот и неговите републикански поддржувачи продолжуваат да ја истакнуваат борбата против тероризмот на администрацијата на Буш и работата на обезбедување на земјата.

Претседателот Буш уште еднаш тоа го нагласи вчера, за време на кампањата во Мичиген.

"Ние фативме или убивме многу клучни лидери на мрежата на ал-Каида. Ние ќе продолжиме со потрагата додека не биде задоволена правдата и Америка биде безбедна", рече г-динот Буш.

Американските политички конвенции датираат од 1830-тите и на нив се собираат партиски активисти за номинирање на претседателски кандидати повеќе од сто години. Но претседателскиот историчар од Американскиот универзитет, Алан Лихтман, вели дека улогата на конвенциите почнала да се менува кон средината на 20 век.

"Навистина, во последниве 50-тина години, конвенциите не ги имануваа претседателските кандидати. Претседателските кандидати беа всушност номинирани на прелиминарните избори, особено последниве 30 години“, истакнува тој.

Во модерната ера на конвенции, партиските активисти и делегатите сега се здружуваат да застанат зад кандидатот избран во долга серија на државни прелиминарни избори и кокуси.

Политичкиот аналитичар Стјуарт Ротенберг од Вашингтон вели дека главната улога на конвенциите денес е да изведуваат претстава или четиридневна реклама за своите партиски кандидати.

"Тие сега се медиумски настани. Тие се можности за претседателските кандидати, а не за партијата, да се претстават себе си и да ја пренесат пораката што воглавно ќе биде генерална порака на изборите“, истакнува г-динот Ротенберг.

Но бидејќи модерната политичка конвенција е предвидена и детално испланирана, стручњаците велат дека нејзиното влијание на гласачите е намалено.

Како резултат на тоа, поголемите телевизиски мрежи пренесуваат помалку од она што таму се случува во текот на четирите дена, препуштајќи на кабловската телевизија поголем дел од преносот, што по правило привлекува помала публика.