Трибина: Следните предизвици за Србија се соработката со Хаг и прашањето за Косово - 2004-06-30

Изборот на Борис Тадиќ за претседател на Србија претставува нов почеток, а можеби и последна шанса за оваа земја, сметаат политичките аналитичари во Вашингтон, додека од Владата повторно потсетуваат дека соработката со Трибуналот во Хаг е обврска што Србија мора да ја исполни. Ова, меѓу другото, беше изнесено на вчерашната трибина во Гласот на Америка посветена на постизборна Србија.

Завршувањето на претседателските избори во Србија, а особено изборот на либералот Борис Тадиќ за САД претставува олеснување, вели Даниел Сервер од Институтот за мир во Вашингтон.

Но, и натаму постои загриженост во меѓународната заедница, пред сé во однос на воените злосторници и Косово.

„Мислам дека би било погрешно да се очекуваат драматични промени во позицијата на Србија по вакво тешко прашање. Српскиот парламент едногласно усвои политика по ова прашање и не очекувам драматични промени. Но сметам дека новиот претседател, барем јас така се надевам, ќе донесе нов поглед и нов сензибилитет за косовското прашање. Нов сензибилитет, пред се, за косовските Срби“, рече тој.

Сочувувањето на безбедноста на косовските Срби, треба да биде важен приоритет, како и безбедноста на другите малцинства, додаде Сервер.

За професорот од Универзитетот во Мериленд, Џон Лампи важно е меѓународната заедница на Косово да се занимава со многу прашања, меѓу кои и она што го мачи албанското население, а тоа е справувањето со криминалот и кршењето на човековите права.

На прашањето дали Белград бескрајно ќе биде заложник на поранешниот лидер на босанските Срби, Радован Караџиќ, господинот Чарлс Инглиш, директор за Јужна и Централна Европа во Стејт Департментот одговори дека од суштинско значење е да се уништат криминалните мрежи во Србија.

„Не сметам дека ја држиме Србија во заложништво, туку бараме од неа да одговори на своите обврски за поширокото добро на регионот, како и за доброто на самата Србија“, рече г-динот Инглиш.

Господинот Сервер се согласува со тоа и вели дека воените злосторници се прашање на внатрешната безбедност на Србија.

Владимир Матиќ, професор на Универзитетот Клемсон и поранешен југословенски министер за надворешни работи кажа дека претседателот во Србија има морална моќ и дека може да се очекуваат проблеми во соработката со делови од Владата.