14 -месечната окупација на Ирак официјално заврши утрово со набрзина организиарана церемонија.
Американскиот администратор во Ирак, Пол Бремер на ирачките лидери им предаде писмо за официјален трансфер на суверенитетот во рацете на нивната влада, избрана од дипломат на ОН и поддржана од Советот за безбедност. Владата треба до јануари да организира избори.
Привремениот ирачки премиер Ијад Алави и се заблагодари на коалицијата под американско раководство за ослободувањето на Ирак од режимот на Садам Хусеин. Тој рече дека се уште е потребна помош за воспоставување безбедност низ целата земја, но додаде дека тоа сега е обврска на Ирак.
„Тие ни помогнаа да ја ослободиме земјата и ние сме им многу благодарни за тоа. Го цениме она што американскиот претседател и другите членови на коалицијата го сторија. Крвта пролеана во Ирак е за добра цел, за одбрана на вредностите, слободата и демократијата и борбата против тероризмот и ние имаме намера да продолжиме во тој правец. Искрено, безбедноста во нашата земја сега е во наши раце. Во основа, ја имаме поддршката од мултинационалните сили и од нив тоа го очекуваме и во иднина“, рече тој.
Контролата во Ирак ќе биде во рацете на околу 160.000 сили на коалицијата. Ирак има право да побара од трупите да ја напуштат земјата, но привременото раководство се изјасни дека нема таква намера. Според договорот постигнат со посредство на ОН, привремената влада ќе има право на глас во однос на поголемите воени операции кои коалицијата сака да ги преземе.
Подоцна, на церемонијата на именувањето на новата влада, премиерот Алави ги предупреди, како што ги нарече „силите на теророт“ дека Ирак ќе запамети кој застанал во одбрана на земјата, а кој против неа. Тој ги повика сите Ирачани да се борат против тероризмот и за одбрана на земјата. Тој вети „искоренување“ на странските терористи во Ирак.
Ирачките политички лидери велат дека трансферот на власта се случил неколку дена порано за да се избегнат можни напади од бунтовниците. Веднаш по церемонијата, американскиот администратор Пол Бремер го напушти Ирак.