Буш и Кери го продолжија изборните кампањи - 2004-06-18

Претседателот Буш и сенаторот Кери се вратија на кампањата, по паузата по повод смртта на поранешниот претседател Реган. Сенаторот од Масачусетс Кери говореше пред гласачите во Њу Џерси, промовирајќи ја својата економска политика за зголемување на вработеноста и зајакнување на средната класа.

“Речиси честири години Вашингтон ја игнорираше средната класа, давајќи предност на богатството пред работата, без одговорност, давајќи предност на малкумина за сметка на многумина во САД“, изјави господинот Кери.

Во рамките на својата кампања, претседателот Буш рече дека неговиот предлог за намалување на даноците ќе помогне за поттикнување на економијата, преку зголемување на продажбата на недвижнини и отворање на нови рабвотни места. Г-динот Буш исто така вети засилување на активностите за борба против тероризмот во странство.

Говорејќи пред американските војници во американската воздухопловна база на Флорида во средата, г-динот Буш рече дека во Ирак и Авганистан е направен напредок во борбата против тероризмот и одржувањето на слободни и демократски избори.

“Со помошта за воспоставување демократија во Ирак, Авганистан и секаде во светот, вие на народот му давате алтернатива за очајот и омразата што ги опкружуваат, што е од суштинско значење за мирот во светот“, рече претседателот Буш.

Г-динот Буш вети поддршка за одржување слободни избори во Авганистан во септември, а потоа и во Ирак, каде САД на 30 јуни ќе и ја предадат власта на новата ирачка влада.

Неколку истражувања на јавното мислење на потенцијални американски гласачи објавени неделава, покажуваат дека претседателот Буш и сенаторот Кери, на неполни пет месеци пред ноемвриските претседателски избори, се навидум изедначени во трката за Белата куќа.