Брахими: Ирачката влада мора да биде понезависна од странски сили - 2004-06-08

Специјалниот претставник на ОН за Ирак, Лакдар Брахими, вели дека за да има кредибилитет, ирачката привремена влада мора да биде што е можно понезависна од странски сили. Г-динот Брахими повикал и на што поскоро ослободување на големиот број затвореници од ирачкиот затвор Абу Граиб.

Во вчерашниот брифинг пред Советот за безбедност, г-динот Брахими рече дека не може да се побегне од фактот оти ирачката преодна влада не е совршена и дека не би имало смисла Ирачаните да тврдат поинаку.

Тој сепак подвлече дека се́ на се́, групата што ќе раководи со Ирак во наредните седум месеци е талентирана и е добро поставена за да ја обедини земјата.

Посочувајќи на денешното гласање по резолуцијата на Советот за безбедност за Ирак, специјалниот претставник на ОН рече дека мора да се преземат чекори за да се гарантира оти Ирачаните ќе имаат потполна контрола врз нивната земја.

Г-динот Брахими ја поздрави веста дека привремениот ирачки премиер Ајад Алави постигнал согласност за распуштање на паравоените групации. Тој сепак предупреди дека за да се намали насилството, на земјата и е потребен дух на државност и меѓусебно разбирање.

„Привремената влада ќе треба да ги предводи дискусиите за тоа што треба да се вклучи во политичкиот процес. Нејзината порака треба да стигне до оние кои во изминатата година беа гласни критичари на политичкиот процес, а потоа истите тие луѓе да бидат вклучени во дијалогот. Владата треба да го одбегне предизвикот, сите кои беа противници на окупацијата, да ги карактеризира како терористи и провокатори“, рече тој.

Г-динот Брахими ја повика коалиционата управа да обрне посебно внимание на ирачката загриженост околу третманот на затворениците во Абу Граиб, а потоа повика тие да се ослободат што е можно поскоро.

Специјалниот пратеник на ОН за Ирак, инаку поранешен алжирски министер за надворешни работи, предупреди дека 30-ти јуни ќе ја одбележи само новата фаза во долгиот процес што ќе води кон уставно избрана влада во Ирак.

Советот за безбедност се очекува по најновата резолуција за Ирак да гласа доцна вечерва по локално време. Преговорите што се водеа во последен момент резултираа со неколку измени, со цел гарантирање на целосен суверенитет за привремената влада, вклучувајќи блиска соработка и консултација со мултинационалните сили.

Франција, Германија и Русија истакнаа дека се задоволни со најновата верзија на резолуцијата и се очекува таа да биде едногласно усвоена.