Правдата во Ирак - 2004-05-13

Првата постапка пред воен суд во врска со малтретирањето на ирачките затвореници ќе започне на 19 мај во Багдад. Постапката ќе биде отворена за медиумите.

Обвинетиот Џереми Сивитс се товари за заговор за малтретирање на затворениците во затворот Абу Граиб. Тој исто така е обвинет за намерно запоставување на должноста и за незаштитување на затворениците од злоупотреби и суровост. Фотографиите на кои се прикажани американски војници како малтретираат ирачки затвореници беа објавени во медиумите ширум светот.

Во јануари, кусо време откако еден американски војник ги пријавил малтретирањата на неговите надредени, била започната истрага. Претседателот Џорџ В. Буш вели: „Ќе ги дознаеме сите факти и ќе ја одредиме големината на овие злоупотреби“.

„Оние што биле вмешани ќе бидат откриени. Тие ќе одговараат за нивните акции. Сите активности во затворот Абу Граиб ќе бидат целосно претресени за да се осигура дека слични срамни инциденти никогаш нема да се повторат“, порача претседателот Буш.

Малтретирањата во затворот Абу Граиб од страна на американските војници, вели претседателот Буш, се дамка врз американската чест и репутација.

„Она што се случило во тој ирачки затвор беше грешка на малкумина, и не го одразува карактерот на над 200.000 воени службеници кои се наоѓаат во Ирак од започнувањето на Операцијата Ирачка слобода. Америка е сочувствителна земја која верува во правдата и слободата“, рече тој.

Огромно мнозинство од ирачкиот народ сака мирно општество. Следниот месец тие ќе направат чекор напред кога Ирак ќе го врати суверенитетот. На 30 јуни, власта ќе ја преземе привремена ирачка влада и Ирачаните ќе ја преземат одговорноста за основните служби, од спроведувањето на законите до надворешната политика.

Мисијата на коалицијата под американско раководство во Ирак ќе продолжи. САД „немаат намера да ја препуштат земјата на милоста на разбојници и убијци“, вели претседателот Буш. „Ние сме решени да ја помогнеме изградбата на слободен и стабилен Ирак, држава што ќе живее во мир со своите соседи и со светот“.