Стручњакот за медиуми Веран Матиќ на публиката во американскиот Институт мир вчера и кажа дека верува оти водачот на Радикалната партија Томислав Николиќ има добри изгледи да победи на претседателските избори на 13 јуни.
Радикалите, порано на иста линија со српскиот лидер Слободан Милошевиќ, беа најголемите победници на декемвриските парламентарни избори, добивајќи над 25 проценти од гласовите. Но и покрај импресивната позиција, Радикалите остануваат во опозиција и не се дел на новата коалициона влада на умерени реформисти предводени од поранешниот југословенски претседател Воислав Коштуница.
Политичкиот аналитичар Обрад Кесиќ се согласува дека господинот Николиќ може да биде избран за претседател, дури можеби и во првиот круг на гласање. Тој вели дека Радикалите ја имаат поддршката на оние кои ја изгубиле вербата со трите години на неуспешна реформа и кои се резервирани спрема обновените барања од Запад Србија да стори повеќе за порамнување со бруталните војни од времето на поделбата на Југославија. Господинот Кесиќ сепак не мисли дека победата на Николиќ е катастрофа.
“Јас лично мислам дека можеби сме на пат да видиме нешто како шизофреничен приод во кој Србија на некој начин ќе добие од победата на Николиќ. Во тој случај постојната влада и Коштуница ќе изгледаaт многу поприфатливи за интересите на Запад. Бидејќи заканата е ако владата пропадне тогаш Радикалите ќе бидат во можност да формираат влада. И не само што ќе имаат претседател, кој е главно симболична фигура, туку исто така ќе можат да имаат и влада“, кажа господинот Кесиќ.
Веран Матиќ од Белград е загрижен дека владата ан Коштуница може да пропадне доколку господинот Николиќ биде избран за претседател.
“Ако имавме ситуација каде Г17, едната од владините партии, ја напушти владата по победата на Николиќ, тогаш теоретски може да имаме нови избори. Но тогаш ќе имаме голема можност да ги обединиме сите демократски партии за тие избори“, изјави господинот Матиќ.
Но друг политички аналитичар, Дамјан Крњевиќ-Мишковиќ, кој е уредник во магазинот Национален интерес во Вашингтон, верува дека сегашната влада ќе се одржи дури и ако господинот Николиќ стане претседател.
“Во интерес е на сите партии кои се во владата и на партијата што ја поддржува без да биде дел од неа, имено – Социјалистичката партија предводена од наследникот на Милошевиќ, владата да се одржи. Социјалистите сфаќаат дека тие брзо ја губат популарноста“, смета Крњевиќ-Мишковиќ.
Веран Матиќ е песимист за Србија. Тој вели дека земјата се повеќе станува изолирана и дека нема јасна визија за иднината. Тој е загрижен за нерешениот статус на отцепената покраина Косово и очекува големи сепаратистички тенденции на делови од српската територија.