Американскиот Претставнички дом ја усвои резолуцијата посветена на трагичната смрт на претседателот Борис Трајковски - 2004-03-11

Усвојувањето на Резолуцијата за никого не дојде како изненадување. Документот беше предложен и спонзориран од конгресменот на федералната држава Индијана, Марк Саудер. Како што самиот вели, актот дошол како логична и очекувана реакција од него, зашто Форт Вејн, во Индијана, градот од каде што доаѓа, со години бил центар на македонските Американци во САД. Само во Торонто, Канада има поголем број Македонци во Северна Америка. Конгресменот смета дека Македонија треба да биде поддржана од САД од повеќе причини:

„Прво, затоа што САД треба да ги поддржат оние кои нив ги поддржале. Ако сакаме владите да работат со САД треба да им се заблагодариме кога тоа го прават. Македонија тоа го направила многу пати. Македонците ни помогнаа во Ирак и во Авганистан, дури и за сметка на потенцијален конфликт и можеби несогласувајќи се сосема со нашиот приод кон војната и кон Балканот, тие дозволија да се направат кампови во околината на Скопје што сум ги посетил, тие дозволија да бидат стационирани трупи таму, иако не се согласуваа сосема со нашата мисија. Тие пристапија кон модел на демократија во зона каде што немаме демократии за модел, тие се придвижија кон економија на слободен пазар, нешто што го бараме од земјите во светот. Затоа, кога Македонија се обидува да ги направи тие чекори кои се совпаѓаат со вредностите за кои ние во САД и демократските и капиталистички држави во светот ги поддржуваат, тогаш ние би требало да се обидеме да и помогнеме на Македонија додека земјата се труди да влезе во трговски договори со нас и со Европа, да влезе во НАТО и презема слични чекори за кои треба поддршка.Се надеваме дека следниот претседател на Македонија ќе продолжи на истиот пат кон мир и реформи и поддршка за САД како што беше претседателот Трајковски. Тој беше голем лидер. Успеа да ги приближи различните етнички и верски групи на граѓани. Ако следниот лидер истото го прави, САД ќе продолжи да работи со Македонија за постепено да станува се посилна држава“, вели конгресменот Саудер.

Тој истакнува дека е свесен оти за државите кои минуваат низ транзиција од непазарна економија кон пазарна, тоа е бавен и тежок процес и вели дека наспроти очекувањата за драматичен напредок, тоа ретко е случај. Затоа, тој вели дека најголемиот предизвик што стои пред Македонија ќе биде воздржување од таквите нереални очекувања.

Запрашан за неговиот став кон прашањето за статусот на Косово, конгресменот Марк Саудер вели дека од самиот почеток бил против американската интервенција на Косово, плашејќи се дека тоа може да ги дестабилизира околните држави.

„Идеално, тоа би било независна република во рамките на поголемата српска република, нешто како Црна Гора и Косово да се дел од некаков вид на конфедерација. Но мора јасно да се каже дека Република Македонија е независна држава. Нема да има престројување и луѓето кои се Албанци да се обидат да се поврзат со оние од Косово. Тоа е како во САД лицата со мексиканско потекло да се обидат да ги земат државите Тексас или Аризона за да формираат обединето Мексико, наместо да бидат во САД. Границите се трајни“, додава тој.

Луѓето кои живеат во Македонија треба да најдат начин да се согласат, да работат заедно за да формираат демократска и мирна држава, кажа конгресменот Саудер по повод вчерашното усвојување на Резолуцијата 540 од Претставничкиот дом на американскиот конгрес во полн состав, што беше предложена минатата недела.