Продолжува потрагата по преживеани по земјотресот во Мароко - 2004-02-25

Претставник на мароканскиот Црвен крст, Абдеслам Макруми вели дека спасувачките екипи напорно работат во потрагата по преживеани под урнатините на неколку тешко пристапни села во близина на пристанишниот град Ал Хосејма.

Секогаш има надеж дека ќе биде принајден некој жив, вели тој.

Најмалку шест села се уништени во во земјотресот со јачина од 6,5 степени кој се случи ноќта во вторникот и предизвика уривање на голем број куќи изградени од тули од кал, затрупувајќи ги нивните жители.

Спасувачките екипи се обидуваат да пристигнат до сите области зафатени со земјотресот, од кои некои се во планинските, рурални делови на североисточно Мароко.

Претставници ан мароканскиот Црвен крст поставија шатори и поделија ќебиња за заштита на преживеаните кои останаа без покрив над главата во текот на студената и дождлива ноќ. Г-динот Макруми вели дека меѓународните активности многу придонесуваат во спасувачките напори.

Тој вели дека Франција, Шпанија, Португалија, Либија и Обединетите арапски емирати испратиле стручни екипи и хуманитарна помош.

Локалните болници известуваат дека се преплавени од повредени и загинати лица. Некои од повредените се згрижени во армиски објекти и во хуманитарни центри. Други пак, авионски се пренесени во регионалните болници.

Официјалната новинска агенција на Мароко јави дека се очекува шефот на државата, кралот Мохамед, да ја посети областа погодена од земјотресот.