Демократите во Конгресот ја критикуваат ЦИА заради не преземање одговорност за погрешните предвоени разузнавачки податоци за Ирак - 2004-02-06

Одговорот од демократите стаса брзо. Тие изразија разочарување од говорот на г-динот Тенет, во кој тој ја бранеше работата на својата агенција, и покрај неточните разузнавачки податоци за ирачкото оружје. Ова е реакцијата на сенаторот од Јужна Дакота, Бајрон Дорган.

„Според мое мислење, г-динот Тенет во говорот не го кажа она што цела земја нашироко го знае, почнувајќи со Дејвид Кеј и останатите, дека разузнавањето не измамило во однос на Ирак“, истакна Дорган.

Но, претседавачот со сенатската Комисија за разузнавање, републиканецот Пет Робертс од Канзас, говорејќи за разузнавачките неточности, рече дека фокусот треба да биде ставен на реформите, а не на тоа кој е виновен.

„Мислам дека ова не е време да се удира по разузнавачката заедница, за нешто што се чини дека е, барем според овој сенатор, превид или грешка на глобалната разузнавачка заедница. Според тоа, има голема потреба од систематски реформи“, смета Робертс.

Во месеците пред војната, ЦИА го обвини соборениот ирачки лидер Садам Хусеин за складирање залихи од хемиско и биолошко оружје и оти се обидува да набави нуклеарно оружје.

По шестмесечна истрага, поранешниот американски инспектор за оружје Дејвид Кеј минатата недела пред Конгресот изјави дека не е пронајдено никакво оружје и изрази сомневање дека воопшто некогаш ќе биде пронајдено.

Сенатската Комисија за разузнавање ја заокружува седуммесечната истрага за предвоеното разузнавање во Ирак. Работната група одржа сослушување зад затворени врати за да го разгледа нацрт-извештајот и се надева дека до крајот на март ќе бидат одржани јавни сослушувања за заклучоците.

Сенаторот Робертс и неговата Комисија не откриле дека врз разузнавачките аналитичари пред американската инвазија врз Ирак се вршел политички притисок.

Но демократите од Комисијата се уверени дека администрацијата на Буш можеби вршела притисок врз ЦИА да манипулира со разузнавачите информации како поткрепа на одлуката за војна во Ирак.

Сенаторот Џеј Рокфелер од Западна Вирџинија е највисокиот по ранг демократ во оваа Комисија.

„Мислам дека целото прашање околу употребата на разузнавачките податоци од страна на кројачите на политиката, кои на крајот се оние кои ја носат одлуката за тоа дали да се оди во војна или не, а не разузнавачките служби, е исклучително важно“, вели Рокфелер.

Сенаторот Џон Кајл од Аризона, републиканец во Комисијата за разузнавање, е многу незадоволен од сугестиите од демократите дека е можно разузнавачките информации да биле преобликувани за да се оправда одлуката за војна.

„Мислам дека е целосно погрешно некој денес да сугерира оти се било погрешно, и оти тоа било грешка на претседателот Буш. Посебно кога ссе сугерира дека нашето раководство на некој начин го измамило американскиот народ со цел да се започне војна. Тоа е исклучително голема неодговорност“, истакна Господинот Кајл.

Комисијата за разузнавање повторно ќе одржи седница следниот четврток.