Профили на претседателски кандидати: Џон Кери  - 2004-01-19

Сенаторот Кери во трката за претседателска номинација од Демократската партија на самиот почеток влезе како фаворит. Тој е одликуван воен ветеран од Виетнам со повеќегодишно искуство во надворешната и домашната политка.

Но сега, во анкетите во федералната држава Њу Хемпшир, која се граничи со Масачусетс и каде на крајот од јануари ќе се одржат првите предизбори за претседателски кандидат, тој се најде зад неговиот ривал, поранешниот гувернер на Вермонт Хауард Дин.

Растот на рејтингот на господинот Дин беше поттикнат од неговото силно спротивставување на војната во Ирак.

Господинот Кери, кој гласаше за резолуцијата на Конгресот со која му се даде одобрение на претседателот Буш да започне војна во Ирак, се најде во ситуација да ја брани својата поддршка на употребата на сила, истовремено критикувајќи го начинот на кој господинот Буш ја води војната.

„Мојот глас беше стопостотно коректен. Не жалам ни малку за тоа. Одењето во ОН, моќта на претседателот да употреби сила, тоа е вистинската работа што треба да се стори, за процесот да може да се смета за одговорен. Она за што жалам е што овој претседател лошо работеше на полето на дипломатијата, и сите сте ме слушнале да го кажам ова во текот на периодот што водеше до војната, вклучувајќи го и денот кога претседателот одлучи да започне војна, кога реков дека повеќе би сакал тој да посветеше повеќе време на дипломатијата со цел да создаде потребна коалиција“, вели господинот Кери.

По апсењето на поранешниот ирачки лидер Садам Хусеин од страна на американските сили, господинот Кери понуди план за стабилизација на земјата, обраќајќи им се и на европските земји кои се спротивставија на војната, во обид за проширување на меѓународната коалиција која ги поддржува операциите во Ирак.

„Претседателот има голема шанса да ја исполни задачата за добивање поголема поддршка на теренот, за намалување на ризикот по американските војници, за намалување на преголемата раширеност на нашите сили и искрено, за намалување на трошоците што се покриваат со парите од американските даночни обврзници“, истакнува Кери.

Сенаторот Кери исто така повикува на фер и транспарентен судски процес за Садам Хусеин за воени злосторства, односно на воспоставување трибунал составен од меѓународни судии, кои би работеле заедно со Ирачаните.

Исто така во доменот на надворешната политика, сенаторот вели дека доколку биде избран за претседател ќе побара зајакнување на врските со американските сојузници кои негодуваа поради војната под американско раководство во Ирак. Тој исто така би назначил специјален пратеник за блискоисточниот мировен процес и би побарал одговор од Саудиска Арабија на прашањето за финансирањето на насилните, радикални групи.

Господинот Кери е единствениот демократски претседателски кандидат со воено искуство, кој бил распореден на патролен брод за време на виетнамската војна, кога бил одликуван со Сребрена Ѕвезда, Бронзена Ѕвезда и Три виолетови срца. По враќањето дома, тој беше предводник на противниците на војната.

Сенаторот Кери минал 19 години како член на сенатската комисија за надворешни односи и шест години во сенатската комисија за разузнавање.

Во интервју за емисијата „Соочување со нацијата“ на ТВ- мрежата Си Би Ес, господинот Кери кажа дека неговото искуство го прави најквалификуван кандидат од редовите на демократите за да го предизвика претседателот Буш по прашањата за национална безбедност.

„Мислам дека можам Америка да ја направам побезбедна и посилна. Знам дека можам да ја добијам битката на теренот во однос на прашањата за Ирак, Северна Кореја, помошта за Африка, глобалното затоплување и ширењето на нуклеарното оружје“, вели сенаторот.

На домашен терен, Кери вели дека како претседател тој би работел за да ги направи САД независни од блискоисточната нафта во следната деценија.

Во однос на едно друго прашање, 60-годишниот сенатот ветува дека ќе им обезбеди пристап на сите Американци до еднаков систем за здравствена заштита како и членовите на Конгресот, посочувајќи на неговата неодамнешна успешна битка со ракот на простата.

Критичарите на господинот Кери велат дека овој кандидат често можеби изгледа дека премногу се двоуми, премногу е внимателен, па дури делува како да е програмиран. Сенаторот ги отфрла критиките, и во неодамнешниот обид да покаже дека тие се погрешни, тој се појави во една вечерна емисија, излегувајќи на сцената на неговиот моторцикл.