Американскиот претседателски кандидат Весли Кларк го заврши дводневното сведочење на судењето за воени злосторства на поранешниот југословенски претседател Слободан Милошевиќ. Поранешните непријатели се соочија во судницата зад затворени врати, но Весли Кларк потоа го опиша поранешниот претседател како намуртен и кавгаџија, каков што го знаел.
Пензионираниот генерал Весли Кларк кажа дека никогаш во историјата еден командант не го познавал толку добро својот противник. Генералот Кларк минал над 100 часа со поранешниот претседател Милошевиќ во период од речиси четири години во 90-те, во мировни преговори за балканските војни, а подоцна како командант на НАТО за време на бомбардирањето на Србија.
Човекот што тогаш го познавал, вели генералот Кларк, воопшто не се променил од оној што го видел во судницата.
„Не забележав никаква промена во неговото однесување, неговата тврдоглавост, каприциозност, од онаа кај човекот кој сметам дека е одговорен за толку колежи и жртви на Балканот“,рече г-динот Кларк.
Генералот Кларк не даде детали од неговото сведочење, туку само кажа дека било насочено на командните надлежности на Слободан Милошевиќ, на неговата одговорност и на однапред познатите настани. Тука е вклучен и масакрот во Сребреница од 1995 година кога беа убиени над седум илјади Муслимани.
Тој кажа дека можел да зборува за менталната состојба на господинот Милошевиќ, за намерите и лидерскиот стил, за начинот на кој ги мешал дипломатијата и војната. Сведочењето на Весли Кларк нема да биде објавено до крајот на неделава, со што администрацијата на Буш ќе има доволно време да го разгледа и да исфрли од него се што би можело да биде закана за американската национална безбедност.
Господинот Кларк кажа дека немал проблеми со необичните околности на неговото сведочење и дека очекувал да биде јавно. Разговорот со господинот Милошевиќ во судницата рече дека бил на дистанца. Генералот се фокусирал на судиите и на преводот од српски на англиски јазик и обратно, што служело како бариера.
Но вкрстеното испрашување на поранешниот претседател тој го нарече типична изведба на Слободан Милошевиќ - импозантно, несоодветно, многу лично и не многу ефективно. Но, генералот Кларк сепак целото искуство го смета за многу задоволително, затоа што на човекот за кој верува дека е одговорен за многу крвопролевање во Европа, му се суди.
Генералот Кларк смета дека тоа е важен преседан што треба да се земе предвид и во постапката кон уапсениот ирачки лидер Садам Хусеин.