Денот на благодарноста одбележан и во Њујорк со традиционалната парада  - 2003-11-27

Потребно е преку 75.000 кубни метри хелиум за да се надуваат огромните балони за парадата за Денот на благодарноста. Дувањето започна уште во средата наутро и продолжи во текот на целиот ден. Спектаклот кој се одвива во близина на Горен Менхетен, сам по себе стана нешто кое се прославува.

Првата парада на трговската компанија Мејсис беше пред повеќе од 75 години, кога група вработени од нивната стоковна куќа од Њујорк одлучија да го организираат настанот. И оттука се започна, вели извршниот продуцент на парадата, Робин Хол.

„Се ширеше неверојатно, во 50-тите мислам дека имаше шест балони, а денес има 15 големи балони и 20 или 21 од оние што ги наречуваме новитети. Таквите балони се прилично долги, до 52 стапки. Имаме 29 големи балони во парадата и автомобили со кловнови, а маршираат околу 12.000 лица“, вели господинот Хол.

Тој кажа и дека на парадата која ќе се движи од Бродвеј до плоштадот Хералд, се очекува да се појават најмалку два и пол милиона луѓе, не сметајќи ја телевизиската публика чиј број изнесува околу 50 милиони гледачи.

Дениз ќе биде меѓу оние кои ќе ја гледаат парадата со нејзините две внучиња. Таа вели дека уживала во неа во изминативе 40 години. Потеклото и е од Франција, но за неа Денот на благодарноста има посебно значење.

„Денот на благодарноста за мене е посебен. Дојдов во Америка на овој ден. Беше прекрасно. Никогаш претходно немав пробано мисирка, знаете после војната во Франција речиси и да немаше многу храна. Ние бевме ослободени од Американците“, вели оваа госпоѓа.

Извршниот продуцент на 77-та парада по ред, Робин Хол, вели дека ова ќе биде драматично искуство.

„На почетокот на парадата имаме ликови од четири претстави на Бродвеј, како „Никогаш нема да играм“, „Момчето од Оз“, „Злите“ и „Малата продавница на хоророт“, секако тука е и танчерската група Рокетс, а потоа во парадата се појавуваат многу познати лица и музички групи“.